1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сноуден е подготвен да сведочи во Германија

Поранешниот соработник на американските тајни служби, Едвард Сноуден, е подготвен да сведочи во Германија. Ова го соопшти германскиот пратеник Ханс-Кристијан Штребеле, кој со Сноуден се сретна во Москва.

На прес-конференцијата во Берлин, пратеникот од редовите на германските Зелени и член на парламентарната Комисија за надгледување на работата на тајните служби, Ханс-Кристијан Штребеле, денеска (01.11) изјави дека „Сноуден може да замисли доаѓање во Германија, доколку се обезбеди дека пoтоа би можел да остане во земјата или во друга земја каде би бил сигурен“.

Сноуден стави јасно до знаење дека може да придонесе за расчистување на шпионскатa афера, изјави Штребеле, додавајќи дека екс-соработникот на

Brief Snowden Ströbele

Писмото на Сноуден

тајните служби укажал оти не само што бил администратор, туку и учесник во операциите на НСА. Тој, освен тоа, потенцирал и дека може да ги разјасни документите со кои располага. „Тој во голема мера е заинтересиран за расчистување на целата приказна“, рече Штребеле.

Сепак, како што додаде германскиот пратеник, проблем е што Сноуден не може да допатува во Германија, а потоа да се врати во Русија. Тоа не е дозволено со политичкиот азил кој Сноуден го има во Русија. Но доколку му се обезбеди азил во Германија или друга земја на ЕУ, тој би можел да допатува. Дотогаш, меѓутоа, Сноуден би останал во Русија. Негов проблем е и што азилот во Русија е ограничен на една година. Како ќе се постапува натаму, на Штребеле не му е познато. Тој на денешната прес-конференција потенцираше дека постои и можност делегација на Бундестагот или сојузниот германски обвинител да отпатуваат во Русија и таму да земат изјава од Сноуден. Штребеле рече дека Сноуден на средбата во Москва му дал писмо адресирано до германската Влада, кое сега е и во сојузното обвинителство и во кабинетот на канцеларот, во кое екс соработникот на тајните служби ја потенцира својата подготвеност да придонесе за расчиствање на аферата со прислушување од страна на НСА. Тој во писмото обајснува и дека радо би дал изјава и пред американскиот Конгрес.

Edward Snowden in Moskau

Сноуден и Штребеле во Москва

Ханс-Кристијан Штребеле со Едвард Сноуден разговарал на тајна локација во Москва, а го придружувале двајца германски новинари. Средбата во Москва траела три часа, а безбедносните мерки што биле преземени биле огромни. Штребеле, заедно со новинарите, бил земен од хотелот во Москва каде што престојувале, а потоа со „сив минибус со затемнети стакла“ биле префрлени на „тајна локација“.