1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Сноуден го напушти московскиот аеродром

Американскиот бегалец ги добил потребните руски документи и го напуштил своето привремено живеалиште на аеродромот Шереметјево. Новата локација се чува како врвна тајна

Поранешниот американски разнузнувачки аналитичар Едвард Сноуден денеска ја напушти транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево откако добил статус на бегалец од властите во Русија, потврдија Викиликс и неговиот адвокат.

Руските новински агенции го цитираат неговиот адвокат Анатоли Кучерена кој вели дека 30-годишниот Американец добил право на привремен престој во траење од една година во земјата.

Според Кучерена, Сноуден веќе го напуштил аеродромот но неговото ново прибежиште ќе биде чувано како тајно.

Сноуден мина речиси еден месец во транзитната зона на московскиот аеродром, каде пристигна од Хонг Конг, откако успеа да им избега на американските власти кои го бараа поради откривањето на податоците за тајната мисија на националната служба за безбедност НСА, која развила систем за прислушкување со кој се прибирале податоци за интернет и телефонски разговори од целиот свет.

Откритието на Сноуден предизвика бура од протести кои беа насочени кон официјален Вашингтон. Американските власти во изминатите денови се обидоа и преку директни преговори со руските власти да издејствуваат негов трансфер во САД, но не успеаја во намерата.