1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Снемува пари за сириските бегалци

Сириските бегалци се итно упатени на меѓународната помош. Таа меѓутоа не пристигнува во очекуваните размери. Организациите за човекови права го вклучија алармот.

Два милиона Сиријци избегаа оd својата татковина поради граѓанската војна. Најголем дел од нив засолниште најдоа во соседните земји: Либан (763.000) , Јордан (525.000), Турција (492.000) и Ирак (192.000).

Огромниот прилив на бегалци ги оптовари земјите кои ги прифатија, така што и тие дел од бегалците ги препуштија сами на себе. Ситуацијата е критична и секојдневно се влошува, вели Клер Сиворд од хуманитарната организација Оксфам. „Тие мораат самите да поставуваат шатори, да прават провизорни живеалишта, понекогаш од најлон. Мораат самите да се снаоѓаат за храна. На тие луѓе им недостасува сѐ: вода за пиење, храна, покрив над главата.“

Не пристигнуваат ветените пари

За време на војни и природни катастрофи секогаш доаѓа до бегалски бранови. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) е задолжен да го следи нивното движење, да оценува колку пари се потребни за згрижување на бегалаците и да се погрижи хуманитарната помош да стигне таму каде што е неопходна. Секоја земја членка на ОН кај УНХЦР би требало да уплати износ во согласност со својот брутоопштествен производ. Меѓутоа сите земји не се придржуваат до договореното. „Меѓу нив се вбројуваат и по традиција донаторски земји како Франција, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Австралија“, вели Роберт Линднер од Оксфам. Тој додава дека Германија ги има исполнето своите обврски кога станува збор за помошта за сириските бегалци. Најавената германска помош во висина од 293 милиони долари речиси во целост е регистрирана во ОН.

Но, има земји кои се покажале и великодушни, како Саудиска Арабија. Ова кралство донирало 373 милиони американски долари. Следува Кувајт со 324 милиони. Од другастрана Катар, кој пред сѐ ги помага сириските бунтовници, за хуманитарни цели има донирано само 2,7 милиони долари. Потребни се многу повеќе пари, вели Ден Мекнортон од УНХЦР. „Во јуни годинава баравме донација од 4,4 милијарди евра. Од овој износ, три милијарди се за хуманитарни цели, но и за поддршка на државите кои се први соседи на Сирија за да се стимулираат нивните напори во помошта за бегалците“.

Надеж за нова финансиска помош

Но не се само исхраната и сместувањето проблеми со кои се соочуваат бегалците. На турско-сириската граница, на пример авионите на сирискиот претседател Башар ал Асад , константно ги бомбардираат бегалските кампови, објаснува Лама Факих од организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч. Постојаните бранови бегалци ги натераа и соседните земји делумно да ги затворат сопствените граници бидејќи не можат да излезат на крај со толкав број луѓе на кои им е потребна помош.

За да овозможи натамошна заштита на сириските бегалци, УНХЦР повика на донаторска средба во првата недела од октомври. На неа треба да бидат дадени ветувања за натамошна финансиска помош. Меѓутоа, не се поканети само државите, вели Ден Мекнортон. „Се обраќаме и на други институции, како на пример финансиските институции. Така на соодветен начин треба да им се помогне на луѓето , чиј живот е уништен.“

Поврзана содржина