1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Смртта дојде со „Бетмен“...

12 лица загинаа, а 50-тина се ранети, кога маскиран напаѓач отвори оган врз присутните на премиерата за филмот „Бетмен“ во градчето Аурора во близина на Денвер во американската сојузна држава Колорадо.

Ова денеска го соопшти портпаролот на локалната полиција, Френк Фанија.

Во претходните извештаи од Аурора се говореше за 14 загинати при инцидентот, што се случил ноќеска на полноќ по локално време (осум часот утрово по средноевропско време).

Фанија истакна дека на самото место на нападот загинале 10 лица, а уште две подоцна им подлегнале на здобиените повреди во болница.

Напаѓачот, кој е уапсен на паркингот пред кино-салата, е идентификуван како Џејмс Холмс, на возраст од 25 години. При апсењето тој им пружал отпор на полицајците.

Мотивите за нападот засега не се познати, но според извори во американското Федерално истражно биро (ФБИ) нема сознанија кои би укажувале за поврзаност на Холмс со некоја терористичка група.

Очевидци на настанот изјавија дека напаѓачот, кој носел гас маска на главата и со себе имал пушка, два пиштоли и нож, кусо време пред почетокот на проекцијата на филмот мирно влегол во кино-салата, се качил на бината и почнал да пука кон приустните гледачи. Според истите извори, напаѓачот во салата фрлил и солзавец, додека Фанија изјави дека станувало збор за „некаква гасна бомба“.

Според полицијата, напаѓачот, иако со гас маска на лицето, без проблеми влегол во кино-салата, бидеќи дел од гледачите на премиерата дошле во костими карактеристични за филмовите со Бетмен.

Очевидци тврдат дека на почетокот на нападот дел од гледачите помислиле дека станува збор за специјални ефекти од филмот, но кога сфатиле што се случува во салата настанал хаос сличен на сцени од филмовите на Бетмен.

Загинатите и ранетите настрадале од куршумите од огнено оружје и од металните делови на гасната бомба, која ја фрлил напаѓачот. Според медиумите, меѓу повредените има и деца, иако филмот не се препопрачувал за помлади од 13 години.

Во реакција на нападот американскиот претседател Барак Обама изјави дека е „тажен и шокиран од ужасната трагедија“ во Денвер.

„Мојата сопруга Мишел и јас сме шокирани и тажни“, изјави Обама, најавувајќи дека неговата администрација ќе направи се што е потребо за да им помогне наповредените ина семејствата на загинатите.

Во врска со нападот се огласи и противкандидатот на Обама на ноемвриските претседателски избори, републиканецот Мит Ромни, кој изјави дека тој и неговата сопруга се длабоко ожалостени поради „беспричинското насилство“.

„Се молиме за семејствата и за најмилите на жртвите во овој тежок момент на шок и тага“, нагласи Ромни.

Аурора се наоќа на 32 километрим од местото Колумбајн, каде двајца средношколци во 1999. година со истрели од огнено оружје убија 13, а ранија 24 лица, по што извршија самоубиство.