1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Смртоносни фалсификувани лекови

Пазарот со фалсификувани лекови во светот цути. Бизнисот е исклучително профитабилен. Се проценува дека секој втор лек со кој се тргува на интернет е фалсификат. Ваквите лекови имаат и смртни последици.

Фалсификаторите не знаат за скрупули - таблети против болки направени од креда, средства за слабеење со отровен арсен и средства за потенција кои се состојат од вода. Со фалсификувани лекови меѓународните криминални банди заработуваат милијарди евра секоја година. Тие ги продаваат лековите преку интернет или „под тезга“. Во најдобар случај, супстанците немаат дејство, но тие можат да бидат и смртоносни. Според проценките, секоја година во Африка умираат по 700.000 луѓе поради тоа што земале фалсификувани лекови против маларија и туберкулоза.

Трговијата со илегални лекови цути во цел свет, па и во Германија. „Секоја година бележиме растечки бројки“, вели Рут Халити од Царинската управа во Келн. Само во првото полугодие од годинава германските цариници заплениле 1,4 милиони фалсификувани таблети, прашоци и ампули, или околу 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Халити вели дека е тоа само врв на ледениот брег и дека темните цифри се многу повисоки.

Потрага по сомнителни пакетчиња

Домашни лаборатории и работилници во гаражи во кои се фалсификуваат лекови има во цел свет. Многу од нив се во источноазиските држави. Место преку кое влегуваат пратки од земји кои не се членки на ЕУ е Франкфуртскиот аеродром. Таму цариниците секоја година систематски проверуваат околу 90 тони авионска пошта.

Gefälschte Potenzmittel

Фалсификувани средства за потенција

Тие прво внимаваат на надворешните белези на пратката. „Може да се работи за определено пакување, или за испраќач кој паѓа в очи“, објаснува Халити. Ако во пратката, писмо или пакетче, има сомнителни лекови, тие се испраќаат на проверка во лабораторија.

Одамна со фалсификувани лекови не се занимаваат ситни криминалци кои сакаат да заработат малку пари. Криминалот со лекови стана бизнис кој е присутен во цел свет. „Се работи за еден вид организиран криминал, каква што порано беше само трговијата со дрога“, нагласува Халити.

Трговијата со лекови носи поголем профит од трговијата со дрога. Рут Халити вели дека добивката од фалсификувана Вијагра (таблети за потенција, н.з.) е повеќе од 25.000 проценти, што е десет пати повеќе од добивката од кокаинот.

Рации против меѓународните банди

За да се разбијат меѓународните мрежи на фалсификаторите на лекови и трговијата со нив, безбедносните власти дејствуваат прекугранично. На средината од годинава е нанесен голем удар на мафијата со лекови. Повеќе од 100 земји цела недела ги имаа ставено под лупа пратките со лекови, за да откријат фалсификувана стока. Притоа, запленети се речиси десет милиони сомнителни пратки со лекови, а уапсени речиси 200 лица.

Zoll findet gefälschte Potenzmittel

Германската царина успева понекогаш да открие и големи пратки фалсификувани лекови, како оваа во 2011 година

Европската унија во 2010. година донесе нови насоки за лековите. Тие предвидуваат од 2017. година на секое пакување со лекови да има безбедносен код. На тој начин препаратот ќе може да се идентификува и да се следи, се‘ до производителот на лекот. Системот ги опфаќа сите аптеки со сертификат, каков што е интернет понудувачот Док Морис.

Сепак, бизнисот на криминалните онлајн-трговци од тоа нема да биде погоден, а оттаму се заканува најголема опасност. Светската здравствена организација проценува дека секој втор лек кој се нуди на интернет е фалсификуван. Посебно погодени се потрошувачите во земјите во развој, каде пазарот на лекови е малку, или воопшто не е структуриран. „Во многу земји нема структура како кај нас, со закон за лекови и уредби за аптеки“, вели Јоахим Оденбах од Сојузното здружение на фармацевтската индустрија. Од таквата ситуација особено страдаат луѓето со ниски примања, кои дури и животно важни лекови купуваат на тезги, наместо во официјалните аптеки.

Смртни последици

Препарати против маларија, лекови за срце, лекови против висок крвен притисок, дури и лекови против СИДА се купуваат на ваков начин, на пазар. Препаратите често се произведуваат во катастрофални хигиенски услови, вели Оденбах. Во пробите од лекови кои биле подложени на тест, бил пронајден дури и измет од стаорци. Бескрупулозни производители рамнодушно во наводните лекови мешаат и отровни супстанци. Какви последици може да има тоа, покажува досега најстрашниот случај од Нигер, во северниот дел на Африка. Според наводи на СТО, од средината на 1990-тите 2500 луѓе починале поради тоа што биле вакцинирани со фалсификувани средства против менингитис.