1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Смртоносна поддршка“ на сириските бунтовници?

Во американскиот Конгрес се множат повиците за поддршка на сириските бунтовници преку доставување оружје. Што за тоа велат „Пријателите на Сирија“? Светската банка е загрижена од порастот на бегалците од Сирија.

Комисијата во американскиот Сенат за надворешна политика вчера го усвои Нацрт-законот, кој го одобрува доставувањето на оружје за сириската опозиција. Оваа мерка би ја ополномоштила Владата на САД да доставува оружје, да нуди воена подготовка и други услуги за проверени членови на сириската опозиција.

Законот предвидува формирање на преоден фонд од 250 милиони долари за изградба на институциите во Сирија, откако Башар ал Асад ќе си замине од власт, воведување дополнителни санкции против оние кои му продаваат оружје и нафта на Дамаск и проширување на хуманитарната помош.

Владата на американскиот претседател Барак Обама досега им доставуваше хуманитарна помош, но не и оружје на бунтовниците, поради стравувањето дека тоа може да падне во рацете на радикални исламисти.

Претседателот на Светската банка Јим Јонг Ким во меѓувреме најави дека финансиски ќе го поддржи Јордан при прифаќањето сириски бегалци. Наскоро ќе биде ставена на располагање поголема сума, изјави Ким по барањето за помош кое стигна од Јордан. Јордан, покрај Либан, Турција и Ирак, е директен сосед на Сирија. Според проценките на ОН, околу 1,5 милиони луѓе од Сирија се во бегство надвор од земјата, една третина од тоа во Јордан.

Денеска во потрага по решение на сирискиот конфликт во јорданскиот главен град Аман се состануваат министрите за надворешни работи од единаесет земји со претставници на сириската опозиција. На средбата на т.н. „Пријатели на Сирија“ учествува и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Со него на масата седат и претставници на САД, Велика Британија, Франција, Турција, Италија, Египет, Саудиска Арабија, Арапските Емирати, Катар и Јордан. Меѓу другото, ќе се разговара и за мировната инцијатива на САД и Русија која предвидува преговори на сирискиот режим и опозицијата. Дали конференцијата ќе се одржи, не е извесно. Сирискиот претседател Башар ал Асад изрази скепса во нејзин успех.

Поврзана содржина