1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Смртни казни за индиските силувачи

Судот во Њу Делхи им изрече смртни казни на четворицата мажи кои минатиот декември групно силуваа една студентка во автобус во главниот град.

Низ судницата во Њу Делхи одекна аплауз откако судијата Јогеш Кана ја прочита пресудата во случајот кој предизвика жестоки реакции во Индија.

„Во овие времиња кога злосторствата врз жените се во пораст, судот не може да замижи пред овој одвратен акт“, рече судијата.

Семејството на 23-годишната девојка, која почина како последица на нападот, изрази задоволство, оценувајќи дека „правдата е задоволена“.

Обвинителството, јавноста во земјата и семејството на жртвата бараа смртни казни за напаѓачите.

Индија воведе неофицијален мораториум на смртните казни кој траеше осум години и заврши лани со егзекуцијата на преживеаниот атентатор од Мумбај.

Адвокатот на одбраната пледираше пред судијата да не потпаѓа под големиот притисок и да им одреди казни доживотен затвор на обвинетите, потсетувајќи дека се работи за млади луѓе со неполни 20 години.

Читајќи ја пресудата по завршувањето на седуммесечниот процес, судијата оцени дека четворицата се виновни за „ладнокрвно убиство“ на „беспомошна жртва“.

Во Индија речиси секојдневно се случуваат силувања и сексуални напади врз деца. Само во Њу Делхи во текот на годинава биле пријавени 1.098 случаи на силување. Тоа претставува огромен пораст, откако лани биле пријавени 450 случаи, но познавачите велат дека порастот всушност се должи на зголемената волја на жртвите да ги пријават нападите, по убиството на 23-годишната студентка.

По пресудата, весниците објавија графички прикази на нападот, вклучително и детали од повредите кои и‘ биле нанесени на студентката, која не само што била силувана од четворицата мажи, туку била повредувана и со за'рѓана железна шипка и на крајот била фрлена гола од автобусот во движење.

Адвокатите на осудените најавија дека ќе се жалат на пресудата пред повисокиот суд во Делхи, а имаат право на жалба и пред Врховниот суд на Индија.