1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Смртна казна за неотплатени кредити

Една жена претприемач во Кина е осудена на смрт поради тоа што не можела да ги врати кредитите. Бизнисмените во Кина се несигурни. Не им останува ништо друго, освен да доаѓаат до пари илегално.

Тоа е приказна на вртоглав подем и длабок пад - Ву Јинг, ќерка на селанец, на 15-годишна возраст се осамостојува, во 2006 година, на 25-годишна возраст, таа е шеста на листата на најбогатите жени во Кина. Следува пад. Во 2007 година Ву Јинг е уапсена поради обвинение за измама тешка милиони. Ву Јинг го признава делото. Признава дека од приватни инвеститори собрала околу 770 милиони јуани, или околу 95 милиони евра, но парите не ги вратила. Таа соработува со властите, ги наведува имињата на лицата кои знаеле за тоа и кои биле соучесници. Но, сето тоа не е доволно. Во 2009 година е осудена на смрт. Во втората судска инстанца, на крајот на јануари годинава, пресудата е потврдена.

China Wu Ying Unternehmerin wurde zum Tode veurteilt

Ву Јинг е осудена на смрт

Драконската казна предизвика жестока дискусија во Кина, зашто снабдувањето со големи износи пари на илегален начин за приватните претприемачи во Кина е горчливо секојдневие. Во една анкета на кинескиот институт Ориентал Калчр Бродкаст, спроведена есента 2011 година, речиси 43 проценти од претприемачите признале дека позајмуваат пари по приватни канали. Причината за тоа лежи во недостатоците на кинескиот финансиски систем, објаснува кинескиот економски експерт Мао Јуши: „Сегашниот финансиски систем е лош, многу е неефикасен. Постои државен монопол. Тоа не е коректно. Потребна ни‘ е реформа, а една од насоките на таа реформа треба да биде развојот на приватниот кредитен систем.“

„Тоа не е пазарна економија“

Целиот банкарски сектор во Кина е во раце на државата. Државните претпријатија главно без проблеми можат да се снабдат со капитал. Приватните претпријатија пак, се жалат дека често има ненадминливи пречки за да дојдат до кредит. Во ваквата „дупка“ низ годините се формирал систем на илегални банки, кај кои претприемачите можат да позајмат пари со неверојатно високи камати. И Ву Јинг позајмила пари преку вакви илегални канали и на инвеститорите им ветила враќање на парите со камати од 10 проценти. На крајот, не можела да ги врати парите.

Bank of China

Банките даваат кредити на државните претпријатија, а приватниците се снабдуваат со пари по приватни канали

Во саботата (04.02) во Јабули се одржа форум на кинески претприемачи, на кој тема беше и пресудата против Ву Јинг. Во својот говор, познатиот економски истражувач Жанг Веијинг побара реформа на системот на кредитирање: „Пресудата против Ву Јинг е чекор назад во кинеската реформска политика“. Ако начинот на кој Ву Јинг дошла до пари биде казнет со смртна казна, тогаш не се знае уште колкумина претприемачи ќе добијат иста таква казна, рече Жанг. Според него, пресудата покажува дека Кина е далеку од пазарна економија.

Колегата на Жанг, Жао Сијао оценува дека тој е во право: „Во последните години има тренд на зголемување на бројот на државни претпријатија и на помалку приватни фирми. Тоа, на некој начин, е назадување.“

Ву Јинг е жртвено јагне?

На кинеските интернет страници се шпекулира наголемо околу причините за смртната казна - кои се соучесниците на Ву Јинг? Дали во случајот се вмешани високи функционери, кои од страв да не бидат откриени сакаат да ја замолчат Ву Јинг? Дали затоа соработката на Ву со судот не влијаеше за казната да биде ублажена?

Symbolbild China Chinesische Währung Renminbi Yuan

Ву се обидувала да ги врати парите се‘ до нејзиното апсење

Оштетени се само единаесет лица, сите пријатели или колеги на обвинетата. Дури и тие самите сметаат дека пресудата е претерана. Се‘ до нејзиното апсење Ву се обидувала да ги врати парите. Кинеските адвокати не го категоризираат прекршокот на Ву како измама, туку во најлош случај како илегално снабдување со пари. Адвокатот за човекови права Тенг Биао зборува за погрешна пресуда. „Измама не може да се докаже. Од правен аспект смртната казна против Ву Јинг е погрешна“, вели Тенг.

Последниот збор за спроведување на смртната казна се‘ уште не е кажан. Од 2007 година секоја смртна казна мора да биде преиспитана од страна на највисокиот Народен суд во Пекинг. Сега животот на 30-годишната Ву Јинг е во рацете на судиите во највисоката судска инстанца.

Автор: Кристоф Рикинг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска