1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Смирување на тензиите на Корејскиот Полуостров

Се смируваат состојбите на Корејскиот Полуостров, по стравувањата утринава дека двете Кореи се на работ на нова војна. Јужна Кореја одржа воена вежба, а Пјонгјанг соопшти дека нема да возврати на провокацијата.

default

Северна Кореја најави дека нема да реагира на денешната јужнокорејска артилериска воена вежба кај островот Јонпјонг иако истата ја окарактеризира како „безумна воена провокација“. Претходно раководството во Пјонгјанг се закануваше со жесток одговор доколку се одржат вежбите, а кризата беше причина и за итна седница на Советот за безбедност на ОН.

„Сметаме дека не треба да реагираме на воената провокација, се посочува во соопштението на врховната команда на Корејската народна армија, цитирано од севернокорејската државна агенција.

Северна Кореја, по завршувањето на 90-минутната воена вежба, во близина на оспоруваната поморска граница во Жолто море, соопшти дека нема да возвраќа затоа што Сеул ги променил зоните на гаѓање.

Според соопштението на армијата, Пјонгјанг не гледа на денешната вежба исто, како на претходната, што го испровоцира артилерискиот напад врз островот Јонпјонг, затоа што јужнокорејските гранати паѓале многу појужно од севернокорејскиот брег.

Nordkorea Südkorea Konflikt

Рано утринава по средноевропско време јужнокорејската армија ги одржа спорните маневри на островите во Жолтото море. Населението од четири острови, на кои беа одржани маневрите, беше претходно евакуирано, а армијата утринава ги повика и новинарите и државните службеници кои останале на островот Јонпјонг да се повлечат во подземните бункери.

ОН-без заеднички став

Со крајно заострената ситуација на Корејскиот Полуостров синоќа се занимаваше и Советот за безбедност. Итната седница беше свикана по барање на Русија, чиј амбасадор Виталиј Чуркин порача:

„Сметаме дека Советот за безбедност треба да испрати сигнал на умереност и мора да помогне повторно да се активира дипломатијата. Целта мора да биде сите спорни точки меѓу двете Кореи да се надминат со политички средства.“

Членовите на Советот за безбедност меѓутоа не можеа да најдат заеднички став околу најновото заострување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров. Мислењата најмногу беа поделени околу тоа дали треба да се осуди Северна Кореја за артилерискиот напад на островот Јонгпјонг од пред еден месец, што беше испровоциран од слични маневри на јужно-корејската армија. Додека САД инсистираа на осуда, Кина, која како постојана членка на Советот има право на вето, енергично се спротивстави.

Неочекувани вести

Неочекувани вести за пробив во нормализирањето на состојбата на полуостровот дојде од гувернерот на американската држава Њу Мексико, Бил Ричардсон кој се наоѓа во неформална посета на Северна Кореја. По средбите со високи воени функционери, Ричардсон соопшти дека Пјонгјанг се согласил повторно да дозволи контрола на своите нуклеарни капацитети од меѓународни инспектори. Веста засега не е официјално потврдена од севернкорејските власти. Пјонгјанг во изминатите години во неколку наврати ги поништуваше договорите за инспекции постигнати со меѓународната заедница, во замена за кои добиваше помош во храна и гориво.

Автор: БГ/ЖА/ртре

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM