1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Смена на министрите во пет ресори

На Македонија и‘ претстои крупна владина реконструкција. На седницата на парламентот на 10.07.09. пратениците треба да ги верификуваат промените во пет ресори. Засега нема да има промени на министерските позиции на ДУИ.

default

Владиниот кабинет во јули 2008 година

Без да се реконструираат кадрите од ДУИ, македонскиот премиер Никола Груевски ќе ја изврши првата посериозна владина реконструкција. Албанскиот фактор во владата допрва ќе прави анализа за ангажманот на своите министри и дури во септември би можело да се очекува кои од министрите на ДУИ би биле на ред за реконструкција. Опозициската Демократска партија на Албанците, денеска кажа дека Ахмети нема свои министри во владата, туку со нив раководи неговиот ментор, премиерот Груевски. Претседателот на македонската влада, утре (10.07.09) ќе предложи нови тројца министри од помладата генерација, кои доаѓаат на местата на вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски, министерот за образование Перо Стојановски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеновски.

Досегашниот директор на Скопски катастар Никола Тодоров ќе биде нов министер за образование и наука. Зоран Ставрески останува потпретседател на владата, но ќе биде предложен и за нов министер за финансии. Како што претходно беше соопштено, Васко Наумовски ќе биде новиот вицепремиер за европски прашања. Нов вицепремиер за економија ќе биде Владимир Пешевски, досегашен директор на СЕАФ Фондот. За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Љупчо Димовски, досегашен заменик министер за транспорт и врски.

Сосема е деликатно и неизвесно, зошто и како се спаси министерот за правда Михајло Маневески, чиј ресор во судството е остро критикуван.

Автор: АЧ/АТ/миа

Редактор: Александра Трајковска