1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Смена на кралскиот престол во Холандија

Во Холандија денеска (30.04.) се прави смена на кралскиот трон. И во шесте други кралства во Европа младите генерации подготвени чекаат да седнат на кралскиот трон, но доброволните повлекувања од него се ретки.

По повеќе од 30 години на холандскиот трон, во јануари, кратко пред нејзиниот 75 роденден, кралицата Беатрикс во телевизиско обраќање објави дека абдицира од круната.

„Не се повлекувам затоа што оваа функција ми стана претешка, туку поради убеденост дека одговорноста за нашата земја сега мора да биде во рацете на новата генерација“, објасни Беатрикс во тоа обраќање, додавајќи дека на тронот ќе ја наследи нејзиниот син, принцот Вилем-Александер ван Орање. За многу Холанѓани и фанови на монархијата во цела Европа ова повлекување не дојде како вистинско изненадување. И бабата и мајката на Беатрикс се повлекоа од тронот, за да отстапат место за следните генерации.

Старци на тронот

Queen Porträt

Британската кралица Елизабета има 87 години и не размислува за повлекување од тронот

Во останатите кралски палати во Европа монарсите се на возраст над онаа за пензионирање. За неколку години од биолошки причини ќе мора да дојде до смена на троновите.

Британската кралица Елизабета има 87 години, а нејзиниот син, принцот Чарлс долго време чека да седне на кралскиот трон и сега има 64 години, а наскоро ќе стане и дедо.

Данската кралица Маргрет Втора има 73 години, а наследникот, принцот Фредерик веќе има 44 години.

Во Норвешка кралот Харалд има 76 години, а наследникот Хакон е на возраст од 40 години.

Во Шведска, и покрај аферите, кралот Карл 16-ти Густаф се одржа на кралскиот престол. Тој има 68 години. Неговата ќерка Викторија (35) е многу поомилена меѓу народот и веднаш би била прифатена како кралица. Во Белгија на тронот е речиси 80-годишниот Алберт Втори. Неговиот син Филип (53) досега презеде бројни задачи од својот татко, но не и тронот.

Конечно, монархијата во Шпанија е под силен притисок, затоа што можно е да е вмешана во затајување на данок. Кралот Хуан Карлос има 75 години, лошо здравје и по аферите е само сенка на она што беше. Неговиот син, принцот Филипе (45) би сакал да го замени својот татко, но „кралот нема никогаш да се повлече“. Тоа за Хуан Карлос го изјави неговата сопруга, кралицата Софија.

Доброволното абдицирање е неверојатно

Сепак, не се исклучени и други абдицирања на монарсите, како она во Холандија. Она што го може папата, го можат и оние кои се кринисани, смета историчарот и истражувач на монархиите Ролф-Улрих Кунце. Можно, но не и веројатно, изјави професорот во разговор за Дојче веле.

„Тоа е тешко да се процени, затоа што тоа зависи од многу лични констелации и семејни ситуации во кралските палати“, вели историчарот Кунце, додавајќи дека Холандија не е никаков модел за британското кралско семејство. Додека Холанѓаните на кралот гледаат како на функционален дел во државата со политичка улога, на британската кралица се гледа како на симболична фигура за националниот идентитет.

Kronprinz Willem-Alexander und Familie

Вилем-Александер фотографиран со сопругата Максима и ќерките Аријане, Амалија и Алексија

Новиот крал во Холандија половина е Германец

Холандскиот кралски дворец во однова е германска фамилија. „Поврзаноста всушнот и не би можела да биде поблиска“, објаснува експертот за монархии Ролф-Улрих Кунце. Тоа се слуша секојпат кога се пее холандската национална химна. Во „Песната на Вилхелм“ се вели: „Јас сум Вилхелм со германска крв“. Основачот на династијата, Вилхелм вон Орање-Насау, потекнува од Диленбург во денешната сојузна покраина Хесен.

„Дури и во модерниот период врските со Германија се многу цврсти. Тие останаа такви преку склучувањето бракови“, вели историчарот Кунце.

Сопрузите на последните три холандски кралици – сите беа Германци. Оваа традиција ја прекрши само новиот крал Вилем-Александер. Неговата сопруга Максима е „граѓанка“ од Аргентина.