1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Смена на власта во Берлин

По вчерашниот бурен ден со изборот на новата канцеларка и нејзиниот кабинет, денеска во Берлин на дневен ред е смената на власта во министерствата.

Групна фотографија на новата германска влада

Групна фотографија на новата германска влада

Прв на ред беше веќе рано изутрина Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг, кој со воени почести ја презеде должноста од сеогашниот Петер Штрук, за кого до крајот на денот ќе се одржи и свечено повечерје. Кусо потоа новиот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер ја презема должноста од Јошка Фишер и веднаш заминува со канцеларката Ангела Меркел на првото патување во странство, прво во Париз, па потоа во Брисел.

Вчерашниот бурен ден Ангела Меркел и 15-те нејзини министри го завршија со едночасовна седница на владиниот кабинет. Тоа беше навистина историски ден, бидејќи за прв во германската историја на чело на владата застана една жена и исто така политичарка која потекнува од поранешната ГДР.

Тоа беше ден што се одвиваше меѓу зданието на Рајхстагот и дворецот Шарлотенбург, моменталното седиште на Претседателот на државата. Прв чин беше изборот на Ангела меркел за прва германска канцеларка. Доколку сите пратеници од редовите на партиите на големата коалиција го дадеа својот глас за неа, тогаш ќе беа вкупно 448. Но, конечниот резултат изгледаше поинаку: со „да„ гласаа 397, а со „не„ 202 парламентарци.

Откако добро расположениот Претседател на Парламентот Норберт Ламерт го објави резултатот од гласањето, тој и‘ се обрати на ново избраната канцеларка.

„Имам основан впечаток дека имате намера да го прифатите изборот. Но, сепак морам и формално да Ве прашам: го прифаќате ли изборот за канцелар?„

„Господине Претседател, го прифаќам изборот!„

По успешниот избор новата канцеларка се упати на не така блискиот пат кон дворецот „Шарлотенбург„ , моменталното седиште на Претседателот на државата Хорст Келер, бидејќи дворецот „Белви„ се реновира. Во придружба на Ангела Меркел е целиот владин кабинет, чии министри не ги бираше Парламентот, туку на предлог на Меркел беа именувани од страна на Претседателот на државата. Тој прво и‘ се обрати на новата канцеларка.

„56 години по основањето на СРГ и 15 години по повторното обединување за прв пат на чело на една влада се наоѓа жена. Жена, која израснала во поранешната ГРД. Се радувам поради обата факта!„

На крајот Хорст Келер му посака на целиот владин кабинет многу среќа во претстојната работа, многу успех и Божји благослов. Дека тоа нема да биде едноставно со оглед на големата стапка на невработеност и големиот државен долг, тоа не го крие Претседателот на државата ни најмалку:

„Многумина ќе ве критизираат. Тоа би требало да го сфатите како поттик во вашата работа. Вашата влада и‘ соодветствува на волјата на народот.„

По кусиот прием кај Претседателот Хорст Келер членовите на владиниот кабинет се вратија во зданието на Парламентот за да положат заклетва пред пратениците. А потоа фокусот на настаните се пренесе во седиштето на германскиот канцелар. Во новото здание на работ на Тиргартен до сега владееше Герхард Шредер, кој најде топли зборови на добредојде за неговата наследничка:

„Прво, госпоѓо канцеларка, еве и овде најсрдечно да Ви честитам на изборот. Мислам дека сите се приклучуваме на она што денеска го рече Претесдателот на државата, па и многу други: имено, дека Ви посакуваме среќа и пред се‘ успех во Вашата работа за нашата земја. Мислам дека тоа е она што не‘ поврзува сите!„

Новата домаќинка на седиштето на германските канцелари, возврати со ист тон, наспроти напнатостите, па дури и непријателските тонови што се слушнаа изминатите месеци:

„И‘ се радувам на работата овде и и‘ се радувам на соработката. И сакам, Вам господине канцелар да Ви кажам дека сум Ви многу благодарна за атмосферата од изминатите денови, за можноста да Ви поставувам прашања и да добијам совет. И сакам уште да Ви се заблагодарам за се‘ што сторивте за нашата земја!„

Новата канцеларка веднаш се фати за работа и уште пред првата седница на владиниот кабинет попладнето донесе неколку персонални одлуки. Така нов државен министер за култура и медиуми ќе биде нејзиниот сопартиец Бернд Нојман. За прашањата на интеграција на странците надлежна ќе биде Марија Бемер исто така од ЦДУ, а за координација меѓу сојузната и покраинските влади Хилдегард Милер.

Германските граѓани инаку не веруваат дека новата влада под Ангела Меркел ќе го надмине проблемот со високата стапка на невработеност. Според анкетата на јавното мислење на магазинот Штерн такво е мислењето на 79% од испитаниците, додека само 17 проценти сметаат оти нешто ќе се смени на тој план.