1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Смее ли човек да се шегува на сметка на грчката криза?

Во ситуацијата во која се наоѓаат Грците тешко дека некому му е до уметност или хумор. Но, многумина уметници економската криза ја доживуваат како инспирација дури и за хумористични дела.

Висока уметност за мали пари, гласи деловното мото на Јоргос Јоргакопулос. Тој порано студирал културен менаџмент во Брауншвајг, а важи и за основач на движењето „Чип арт“ (Евтина уметност), кое е поактуелно од кога било досега. Имено, откако Грција ја зафати економска криза, бројот посетители на неговите редовни годишни изложби на „Чип арт“ се удвои. Тој со својот концепт овозможи пристап на широката публика кон уметноста.

Експанзија на „Чип арт“

Само во 2011-та година Јоргакопулос, кој во браншата е веќе 17 години, продаде повеќе од две илјади уметнички дела по цена од по 80 евра. Годинава планира да се прошири во Кипар и во Холандија. По враќањето од Германија во Грција, Јоргакопулос имал енормни почетни тешкотии со длабоко вкоренетиот менталитет:

„Мнозинството уметници стравува од искористување на нивната креативност или нивната страст кон уметноста. Некои сметаат дека делото продадено по ниска цена не е вредно и не се исплаќа целосен ангажман околу него. Освен тоа, постои лична недоверба кон галеристите, дури и страв да им се овозможи пристап во ателјето и поглед кон делата поради можност за копирање на идеите.“

Јоргакопулос денес е ѕвезда на грчката уметничка сцена. Неговиот најнов уметнички проект носи германски наслов - Schadenfreude (Радување на туѓата несреќа). Но, уметникот уверува дека насловот не алудира на разнишаните грчко-германски односи во последно време, туку исклучиво цели на неговата глобална раширеност и се‘ пораширеното и почесто оддалечување на уметноста и општеството. Освен тоа, овој поим, како што истакнува Јоргакопулос, со својата малку хумористично апсурдна содржина, ја доловува сегашната ситуација во Грција.

Јоргакопулос со тоа можеби и несвесно покренува друга тема врзана за актуелната состојба на грчката нација- смее ли воопшто сегашната грчка трагедија да се коментира низ хумористична призма?

Panos Kokkinias Landscapes

Од серијата „Пејсажи“ на Панос Кокиниас

Колкава доза на хумор?

Пред оваа дилема се најде и атинскиот фотограф Панос Кокиниас, меѓународно признат мајстор на т.н. изрежирана фотографија. Тој студирал во САД и е интернационално познат. На секоја од неговите фотографии преку кои фаќа моменти на грчките грижи во кризни времиња е содржана нота иронија. Неговите мотиви се понекогаш апсурдни, како на пример фотографијата на група Грци кои веејќи грчки знамиња трчаат по еден автомобил. Дали се во патриотско расположение или во бегство? Одговорот не е јасен, но ваквите апсурдни сцени нему му изгледаат типични за несигурноста на животот во денешна Грција:

„Моите фотографии не ги сфаќам безусловно како протест, туку како иронични, ненаметливо коментирачки отсечоци од фактичката состојба. Не можам да ги затворам очите пред она што се случува во земјата, но мојот порив кон самоиронија ми помага да лиферувам колективен автопортрет и да ги анимирам сограѓаните кон самокритика. Се разбира, нашите политичари ја имаат главната одговорност, но и ние сме на некој начин соодговорни, зашто предолго ги толериравме непотизмот и корупцијата, или во секој случај недоволно протестиравме против тоа“, истакнува Кокиниас.

Многумина денес излез гледаат само во заминувањето од Грција. На Кокиниас, кој своевремо се вратил од САД, каде, како што вели, живеел солидно, му недостасувале грчкото сонце и менталитет. Сега, сепак, радо со семејството би се преселил во Германија, „поради децата и нивната иднина“.