1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Смеат ли политичарите да рекламираат?

Поранешниот министер за надворешни работи Јошка Фишер се појавува во реклама за новото БМВ. Тој веќе не е активен во политиката, но неговиот имиџ се користи за реклама. Иако сѐ е легално, многумина имаат забелешки

„Тој секако не е некој убавец“, вели професорот по маркетинг од Хамбург, Јоахим Келнер откако го одгледа рекламниот спот на БМВ во кој се појавува Јошка Фишер. Поранешниот министер за надворешни работи вози електричен модел на фирмата од Минхен. Зад воланот делува помалку надуено. Годините го сториле своето, и се чини дека не се вклопува идеално во правилото дека протагонистите на рекламите треба да зрачат со харизма или да бидат „секси“, а најдобро- двете одеднаш.

„Во нормални околности никој не би се одлучил на ваква кампања. Но Јошка Фишер е многу познат и многумина го ценат, така што изгледот на игра никаква улога“, вели Келнер. Целта на рекламата- да се предизвика внимание- секако е постигната.

Но се разбудија и поранешните партиски другари на Фишер од партијата на Зелените. Портпаролката на подмладокот Тереза Калмер вели дека експолитичарот и сторил лоша услуга на партијата. Оваа 22-годишна девојка никогаш не го запознала Фишер. Кога тој се повлече од политиката, таа имала само 15 години, но тој за неа останал „партиска икона“. Терминот кој таа го користи е „Greenwashing“. Со ангажманот на Фишер, БМВ сака да се претстави како „позелена“ одошто е. „Кога ќе го видам во автомобилот, знам дека тоа ќе се поврзе со политиката на Зелените“, вели Калмер.

Theresa Kalmer

Тереза Калмер

Нека рекламира јавен превоз!

Оваа партија се залага токму за спротивното, објаснува Калмер, имено луѓето долгорочно да се откажат од приватните моторни возила. Дури и електричните автомобили не се особени пријатели на животната средина бидејќи трошат многу струја, а производството на батерии и делови ја загадува околината. „Ќе ми беше многу по 'кул' доколку Фишер рекламираше јавен превоз“, вели Калмер.

Поинакво мислење има експертот Келнер, кој смета дека БМВ повлекол извонреден маркетиншки потег. „Електроавтомобилот е концепт на иднината, а Јошка Фишер е еден од основачите на Зелените како еколошко движење со големо општествено и политичко влијание. Тоа на рекламата и дава веродостојност“.

Политичарите во Германија можат слободно да вршат разни дополнителни работи- тоа добро го знае и поразениот социјалдемократски кандидат за канцелар Пер Штајнбрик, кој заработи стотици илјади евра од предавања и текстови додека беше пратеник. Исто така, политичарот смее и да снима реклами. Потоа, доколку врши јавна функција, тој мора на јавноста да и ги прикаже своите приходи. Единствено членовите на владата не смеат да работат ништо друго, па дури ни да бидат почесни претседатели или членови на некоја институција.

Flash-Galerie Angela Merkel 2001 in der Werbung

Рекламата на „Сикст“ од 2001. година за која Меркел доби отшета од 50 илјади евра

Друго прашање е дали за некој политичар е мудро да се определи на овој начин за БМВ или за некоја друга компанија. „Доколку некој политичар сними реклама за некој производ или услуга, не можам ни да замислам дека следниот ден ќе ја критикува таа фирма, доколку за тоа има повод“, вели Јоахим Келнер. „Секако доколку локален политичар во место со 10 илјади жители учествува во реклама за локална месара, никој нема да се буни“.

Среќни да платат отштета

Од правен аспект, рекламата на БМВ е беспрекорна. Фишер не само што повеќе не е политичар кој може да одработи повластен третман за фирмата, туку е и уредно вработен како советник во компанијата. Проблематично е кога некоја фирма користи политичар во своја кампања, без негово знаење. На пример, дневниот весник Велт користеше ликови на познати светски политичари за да илустрира книга за деца. Ниту еден од политичарите не беше прашан за дозвола. Јошка Фишер на суд доби 200 илјади евра отштета.

Најпознат е примерот на рент-а-кар гигантот „Сикст, кој ја искористи фризурата на денешната канцеларка Ангела Меркел за да ги рекламира своите кабриолети. Политичарката ја разбра шегата, и ноншалантно побара отштета од 50 илјади евра, кои потоа ги подари во добротворни цели. А во Сикст и тогаш беа пресреќни, затоа што со денови беа присутни во сите медиуми- потполно бесплатно.