1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Смартфоните се‘ поумни и се‘ поевтини

Во Барселона денеска (27.02) е отворен саемот за мобили комуникации на кој е застапен секој што нешто значи во оваа сфера во светот. На Mobile World Congress се претставуваат новите трендови.

Производители на мобилни телефони, фирми за развој на софтвери кои претставуваат нови апликации за смартфони и понудувачи на мобилни услуги кои се исправени пред неизвесна иднина. Зашто, од една страна, тие треба да инвестираат милијарди во подобри и побрзи мрежи, а од друга страна нивните деловни модели се се‘ поклимави. Тие имаат се‘ помало влијание врз тоа кои услуги нивните муштерии ќе ги користат на својот мобилен телефон. Самиот муштерија определува што од апликациите ќе симне на својот самртфон. Гугл и Епл во ваквите App-Stores заработуваат сосема добро, а провајдерите имаат чувство дека се сведени на улогата на обичен транспортер на податоци.

Зад кулисите значи се водат возбудливи битки, но муштериите се заинтересирани за нешто сосема друго: „Ќе видиме многу нови смартфони, некои нови таблети и многу апликации“, вели Луц Лабс, уредник во компјутерското списание c't. Во Германија во 2012 година првпат ќе бидат продадени повеќе смартфони отколку „обични“ мобилни телефони - според проценките, околу 16 милиони парчиња.

Нови процесори

„Кај High-End-уредите се појавуваат први модели со четиријадрени процесори“, вели Лабс, „тие се уште побрзи од сите модели кои досега ни‘ се познати“. Екраните ќе бидат поголеми, куќиштата се‘ потенки, а смартфоните веројатно ќе бидат опремени и со нови техники, како на пример НФЦ (Near Field Communication)- техника треба да се овозможи и плаќање без допир, преку безжичен пренос на податоци.

Компјутерите се „селат“ во мобилните телефони - ваквиот тренд веќе не може да се запре и тој наскоро ќе ги зафати и земјите во развој. Со фирми како ZTE или Huawei на пазарот притискаат кинеските производители кои го откриваат евтиниот сегмент на смартфоните. Со нови делови и процесори, смартфоните во меѓувреме можат да се произведат за помалку од 100 долари и двете фирми непосредно пред почетокот на саемот во Барселона обелоденија зделка тешка милијарди со испорачатели на чипови како Qualcomm или Broadcom.

Нови апликации

„Најзанимливо ќе биде кај апликациите“, претпоставува уредникот во c't Луц Лабс. Зашто непрофитната организација Mozilla, производител на браузерот Firefox и мејл-програмата Thunderbird сака да претстави своја App-Store. Во нејзе ќе има програми кои не функционираат само на еден оперативен систем, туку на повеќе. „ Може да се очекува дека тоа ќе има успех, зашто Mozilla има добар имиџ, поради што ќе се вклучат и голем број програмери“, убеден е Лабс.

Со новите апликации се очекува и силен пораст на мобилното користење интернет. Прометот со мобилни сервиси само во Германија оваа година ќе се зголеми за десет проценти и ќе изнесува 8,2 милијарди евра, проценува здружението на оваа бранша БИТКОМ. Во германските мрежи на мобилна телефонија во 2011 година првпат се „транспортирани“ повеќе од 100 милиони гигабајти. Оваа година се очекуваат 170 милиони гигабајти.

Германските понудувачи мораа да инвестираат осум до десет милијарди евра во нова инфраструктура, меѓу другото за да ги исполнат условите на Сојузната агенција за мрежно поврзување. Таа бара новата технологија на брз интернет да стигне во секој агол од земјата.

Автор: Ролф Венкел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска