1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Случај Фероинвест: Според законот сѐ е во ред, но законот не е во ред

Според експерти, законската обврска на службено лице да се откаже од управувањето со фирмата во кој е сопственик, не ја елиминира опасноста од можно влијание преку неговите јавни овластувања

Според законот нема судир на интереси, но практично има големи импликации. Вака поранешни членови на Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК) го коментираат фактот што фирмата „Фероинвест“ во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев се јавила на тендерот на државната компанија ЕЛЕМ за набавка на гумени транспортни ленти за РЕК „Битола“ во вредност од 2,6 милиони евра.

Според Законот, под „'судир на интереси' се подразбира судир на јавните овластувања и должности со приватниот интерес на службеното лице, во кој службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности“. Под службено лице, во смисла на овој закон, се подразбира широк спектар на избрани и именувани лица, меѓу кои се и членовите на Владата. Фактот дека Анѓушев не е управител на „Фероинвест“ го прави чист пред законот и нема никаква пречка таа фирма да учествува на тендер објавен од државна компанија.

„Нема ништо спорно во добивањето на државни тендери“, велат од менаџерскиот тим на „Фероинвест“. Според управителот, Ратко Ѓорѓиевски, одлуките за учество на тендери ги носи менаџерскиот тим, без консултации со сопствениците и оваа компанија ќе продолжи и понатаму да учествува на сите јавни набавки каде што може да понуди свое производство.

Но, според експерти, законската обврска на службено лице да се откаже од управувањето со фирмата во кој е сопственик, не ја елиминира опасноста од влијание преку неговите јавни овластувања.

NO FLASH Transparency International Logo Korruption Bestechung Transparenz

Законот во Македонија не регулира сѐ, велат експертите

Ти мене, јас тебе

На социјалните мрежи „случајот Фероинвест“ предизвика многу реакции. Се добива впечаток дека јавноста не е подготвена да го премолчи овој тендер, само поради фактот дека Кочо Анѓушев е респектиран универзитетски професор, успешен бизнисмен без никакви дамки во досегашната работа, со докажана општествена одговорност на неговите фирми, и вицепремиер кој ја донира неговата плата за студенти и социјални категории граѓани. 

„Е, токму затоа. Нека докаже дека е навистина различен“, гласи една од реакциите.   

Во несовршеноста на тој триаголник - порозна регулатива, повик на личната етика и крај на досегашната практика, се очекува исходот од тендерот на ЕЛЕМ.

Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, се согласува дека според законот нема судир на интереси, но треба да се има предивид и етичкиот аспект на овој случај.

„Нормална работа е тие да продолжат да работат, но етичкиот дел, како заменик-претседател на Владата, треба да го носи самиот сопственик на фирмата“, вели Тантуровски.

Но, дали законот регулира сѐ? Според експертите - не!

„Законот за спречување судир на интереси не го регулира етичкиот и други аспекти“, потенцира Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија (ТИ-М).

„Тука е прашањето - колку вицепремиерот со неговата функција има влијание во одлуките за областите за кои е наменет тендерот. Ако работата на некоја државна компанија утре зависи од негова одлука како член на Владата, како ќе се обезбеди тоа да не влијае кај 'двете страни'? На пример, ако државна компанија денес одлучи во полза на фирмата во која е тој сопственик, дали тој како вицепремиер утре ќе работи во полза на таа државна компанија - преку разни одлуки, предлагање законска регулатива во нејзин интерес, и.т.н.? Ние сега немаме ефикасен законски механизам кој ќе следи и спречи такви ситуации“, вели Тасева.

Според неа, ако сакаме да го расветлиме овој случај, треба да знаеме кои сфери од економијата влегуваат во неговото министерско портфолио и какви биле неговите досегашни односи со таа, и со други компании во областите што тој ги „покрива“ како вицепремиер.

„Ако како сопственик и менџер досега добивал и заработувал од тендери, тој ќе сака тоа и натаму да остане така. Но, сега прашањето е како ќе го заштитиме јавниот интерес, односно конкуренцијата“, нагласува Тасева.

Symbolbild Managergehälter Schweiz (picture-alliance/dpa)

Функцијата на сопственикот на фирма - хендикеп за нејзината работа?

Каков вицепремиер сакате?

Вицепремиерот Анѓушев вели дека во случајот нема конфликт на интереси и дека неговата министерска функција не треба да биде хендикеп за работа на фирмите во негова сопственост. 

„Во сите досегашни влади вицепремиерите за економски прашања беа сопственици на фирми, раководители со инвестициски фондови, менаџери, и тоа никој не го проблематизираше“, вели Анѓушев.

Признава дека неговиот министерски „радар“ покрива и области во кои тој има сопственички фирми - енергетика, металургија, но потенцира дека само 4 отсто од приходите доаѓаат од домашниот пазар, а 96 отсто од извоз, што укажува дека фирмите во кои е сопственик не зависат од работа со државата.

Со оглед дека на секое евентуално јавување на неговите фирми на државен тендер ќе се јавуваат истите сомнежи, што ја наметнува дилемата „или бизнисмен, или вицепремиер“, Анѓушев вели: „Не барам привилегии, но очекувам да ги имам истите права како и секој граѓанин на оваа земја“. Потенцира дека сега воопшто нема време да ги следи состојбите во неговите фирми, ниту има директно влијание врз  одлуките на нивните менџери.

„Посветен сум целосно на вицепремиерското место, кое е е оперативно. Кој да раководи со него, ако не човек со практично искуство? Не заборавајте, мене на функцијата ме предложија од стопанската комора. Јавноста треба да си одговори на прашањето - каков вицепремиер за економија сака? Некој што ништо не направил во животот, а треба да ја 'оправа државата', или некој што постигнал нешто и со тоа искуство сака и помогне на државата? Најискрено сакам да помогнам и посветен сум на тоа, но не ги 'рекламирам' одлуките кои ќе носат бенефит. Граѓаните сами ќе го почувствуваат тоа. На крајот, ни мојот капитал ќе нема никаква вредност, ако државата е во лоша состојба“, вели Анѓушев.