Случај Леонарда: Оланд и‘ понуди на косовската Ромка да се врати во Франција | Европа | DW | 19.10.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Случај Леонарда: Оланд и‘ понуди на косовската Ромка да се врати во Франција

Францускиот претседател Франсоа Оланд и‘ понуди на 15-годишната Ромка од Косово, која беше протерана под спорни околности, да се врати во Франција. Поканата меѓутоа важи само за девојчето, а не и за нејзиното семејство.

„Доколку Леонарда Дибрани сака да го продолжи своето образовани во Франција, може да се врати во земјата“, гласеше денешната понуда на францускиот претседател Франсоа Оланд до 15-годишната косовска Ромка, која на почетокот на месецот беше протерана од Франција откако на нејзиното семејство му беше одбиено барањето за азил. Во телевизиско обраќање Оланд меѓутоа истакна дека понудата важи само за Леонарда, а не и за нејзиното семејство.

Француските власти претходно го оправдаа како законско протерувањето на ученичката од земјата. „Спорното протерување на Косово на 15-годишната ромска средношколка Леонарда Дибрани и нејзиното семејство е 'согласно' прописите кои се во сила“ во Франција, се наведува во истражниот извештај кој денеска (19.10) го објави француското министерство за внатрешни работи.

Leonarda Dibrani - Frankreich Abschiebungsdebatte

Леонарда Дибрани

Меѓутоа, силите за спроведување на редот „не покажале доволно разбирање“, приведувајќи ја ученичката од школскиот автобус додека била на излет на 9-ти октомври, се оценува во споменатиот извештај, кој препорачува „забрана“ за полициски интервенции од овој вид „за време на наставата“.

Во четвртокот и петокот (17/18.10) повеќе илјади ученици од париските средни училишта протестираа барајќи Ромката Леонарда Дибрани да биде вратена во Франција. Истовремено тие побараа и оставка од министерот за внатрешни работи Мануел Валс ,чиј остар курс кон странците кои нелегално живеат во Франција е спорен и меѓу владејачките социјалисти.

Некои социјалистички пратеници го обвинија Валс, инаку најпопуларниот министер во владата на претседателот Франсоа Оланд, дека со строгите антиимиграциски мерки кои довеле до апсење на девојчето во текот на училишен излет, ги предал вредностите на левицата.

Во пресрет на општинските избори и европските избори наредната година, Валс ја поттикна дискусијата за ромските имигранти кои живеат во илегални населби во француските градови, а во анкетите расте поддршката за крајната десница, односно партијата Национален фронт на Марин Лепен, која се залага за остра политика на доселување во земјата.