1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Случајот Политковскаја“ конечно пред суд

2 години по убиството на руската новинарка Ана Политковскаја, во Москва почнува судскиот процес. На обвинителната клупа ги нема извршителите и нарачателите. Прашање е дали власта воопшто сака тие да бидат откриени.

default

Ана Политковскаја - нејзиното убиство предизвика протести во светот и барања за итно и целосно расветлување

Ана Политковскаја, репортер на „Новаја газета“, беше убиена на 7-ми октомври 2006-та година во Москва, во влезот на зградата во која живееше. Злосторството било долго и внимателно подготвувано. Според иследниците, убиецот и неговите помошници претходно повеќе пати биле на местото на настанот. Со камерата во влезот еднаш дури е снимено како убиецот лично и’ отвора врата на својата подоцнежна жртва.

По убиството, во Русија и во светот беше побарано брзо независно расветлување на злосторството. Домашните поборници за човекови права, опозиционери и колеги на Политковскаја зборуваа за политички мотивирано убиство, оти таа не беше многу омилена ни во Москва, ниту кај властодршците во Грозни поради нејзините извештаи за кршење на човековите права и корупција, пред се’ во Чеченија. Владимир Путин, во тоа време претседател на Русија, ги отфрли прекорите велејќи дека острата критичарка на актуелната власт во Москва имала „минимално влијание врз внатрешно-политичкиот живот во земјата“. Бруталното убиство на една жена и мајка само по себе е насочено против Русија и нејзината власт, рече Путин и оцени дека „убиството на Политковскаја и’ наштети на власта повеќе, отколку извештаите што таа ги објавуваше“.

Истрагата донесе одредени резултати

Од Кремљ тогаш се велеше дека властите се трудат брзо да го расветлат случајот. Колегите на Политковскаја не веруваа докрај во тоа и започнаа сопствена истрага, но искажаа готовност да соработуваат и со државното обвинителство. Првите успеси беа обелоденети по десет месеци. Во август 2007-ма беа уапсени 11 сомнителни лица, меѓу нив повеќемина со чеченско потекло, како и соработници на полицијата и на руската тајна служба ФСБ.

Но, не се остварија надежите на колегите на убиената дека властите овој пат ќе демонстрираат добра волја и сите виновници, независно од статусот, ќе бидат повикани на одговорност. На обвинителната клупа сега седат само 4 лица. Тројца Чеченци се обвинети за давање помош во извршувањето на злочинот, а за четвртиот обвинет, еден офицер на ФСБ, досега не можела да биде докажана никаква вина. Тој е поврзан со еден од обвинетите како учесник во некој случај на уцена, настан кој бил третиран паралелно со убиството на Политковскаја.

Главните виновници никогаш нема да бидат откриени? Потрагата по наводниот убиец Рустам Махмудов и натаму трае, неговите налогодавци остануваат непознати. За владата е непожелно да бидат пронајдени, смета Игор Јаковенко, претставник на руското здружение на новинари: „Колегите на Политковскаја се задоволни од постигнувањата на тимот иследници. Но, полицајците постојано се судираат со пречки што им ги поставува политичкото раководство. Не може да се зборува за независна објективна истрага, оти од самиот почеток беше дадена насока во која таа треба да се одвива“.

А таа насока води кон Западна Европа. Мотивите за убиството и натаму не се утврдени. Државниот обвинител Јури Чајка вели дека налогодавецот живее во странство, а убиството требало да им послужи на оние, кои сакале да ја дестабилизираат Русија , односно „да го вратат стариот владин систем, во кој парите и олигарсите решаваа за се’“. Руските медиуми во ова брзо го препознаа олигархот Борис Березовски, кој живее во бегалство во Лондон и Кремљ радо го поврзува и со убиството на поранешниот агент Александар Литвиненко. Поради тоа, минимални се надежите дека на крајот ќе бидат осудени вистински најодговорните. „Или ќе се најдат на обвинителна клупа лица кои се замешани во убиството, но не се налогодавци“, вели Игор Јаковенко, „или пак е постигнат ’неформален‘ договор, осомничените да ја потврдат пред судот верзијата што ја фаворизира Кремљ - се разбира, за противуслуга“.