1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Словенците на протести поради штедењето

Во Љубљана денеска (17.11) беа одржани протести на работници, пензионери, студенти и други граѓани против владините мерки за штедење.

Повеќе илјади луѓе денеска излегоа на улиците на словенечката престолнина Љубљана, за да го изразат незадоволството од политиките на властите за кастрење на буџетските расходи и намалувањето на платите и бенефициите. Според организаторите, на протести излегле околу 30 илјади луѓе. Демонстрациите беа организирани од страна на неколку синдикати, кои сметаат дека сегашната владина фискална политика само ќе ја влоши економската криза во којашто се најде Словенија во атмосферата на општата криза во еврозоната. Буџетскиот дефицит на Словенија оваа година изнесува околу 4,2 проценти од БДП, а идната треба да биде смален на три проценти.

Денешниот протест во Љубљана претставува продолжение на демонстрациите ширум Европа, на кои граѓаните предупредуваа на истите проблеми. Според медиумските извештаи, протестите во Љубљана минале мирно за разлика од демонстрациите во неколку други европски градови претходно оваа седмица.

Така, во Шпанија и Италија демонстрациите од средата против мерките за штедење доведоа до судири на демонстрантите со полицијата, при што беа повредени десетици лица, меѓу кои и полицајци.