1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Словенија се бори да го зачува имиџот

Во Словенија се демантираат информациите дека земјата наскоро би можела да побара пари од европскиот пакет за спас, пишува денеска „Ноје Цирихер Цајтунг“.

„Претставниците на словенечката влада деновиве се занимаваат пред се‘ со една работа - ги демантираат најостро гласините кои кружат на финансиските пазари дека Словенија наскоро ќе биде наредната земја која ќе бара заштита под чадорот за спас на еврозоната“, пишува НЦЦ и продолжува: „Не само што премиерот Јанез Јанша демантира дека постои ваков план и укажува на неодамна донесениот пакет мерки за штедење од страна на парламентот, туку и министерството за финансии во едно соопштение тврди дека за барање финансиска помош од ЕУ нема потреба, ниту поради фискалнополитички потреби ниту за капитализација на банките. Сепак, Љубљана не е сосема невина во сите шпекулации. Јанша постојано со алармантен тон укажува на финансиската состојба на земјата. На земјата и‘ се заканува грчко сценарио и како што се вели, месец јули е од судбинско значење. Ваквите изјави меѓутоа не се наменети за финансискиот пазар, туку треба да одат само на адреса на опозицијата во парламентот. Овој месец, имено, треба да се гласа за кочница за задолжувањето и за поцврсти пречки за рефрендуми, кои во минатото соречија некои програми за штедење. Двата закона, како што вели Јанша, треба повторно да ја зајакнат довербата во поранешната ’земја за пример’“, пишува НЦЦ.

„Фајненшл Тајмс Дојчланд“ денеска се занимава со новиот претседавач на ЕУ - Кипар. Во текстот под наслов „Кипарската трагикомедија и улогата на Русија во неа“, меѓу другото, се вели:

„Земјата (Кипар) досега не паѓаше в очи преку строги мерки за штедење, штрајкови или граѓани кои протестираат, туку со нејзината умешност за преговарање. Таа во последната година избегна поднесување барање за помош до ЕУ затоа што Русија и‘ стави на располагање 2,5 милијарди евра.

Сега земјата преговара истовремено со Еврогрупата и со Русија... Јасно е дека Кипар не е расположен да исполнува услови на Тројката, чиј дел ќе бидат веројатно пензиска реформа, но и зголемување не екстремно поволниот данок на претпријатија. „Ние сме ’услужно’ општество, мора да привлекуваме фирми“, вели еден кипарски дипломат.

Претседателот Христофијас вели: „Се радуваме на големата поддршка од страна на Русија, без притоа да мора да исполнуваме услови.“ Гласините дека Русија транспортира оружје преку кипарските пристаништа, наводно немаат основа. Значи единствено капиталистичките интереси се тие што ги врзуваат Кипар и капиталистичка Русија. Притоа, Христофијас зборува перфектно руски и образован е во Москва, а неговата партија Акел се нарекува се‘ уште комунистичка. Кога ќе му се постават такви прашања, Христофијас одговара дека е демократ и дека реалниот социјализам е одамна минато. Она за што сега станува збор е криза на капитализмот.

На други места во ЕУ работите се кажуваат појасно. Кипар е даночен рај. Тој е рај пред се‘ за илјадниците богати Руси, сместени на кипарското крајбрежје. Христофијас вели: „Може да ги комбинираме поддршката на ЕУ и на Русија“. Стратегијата е јасна - евроспасителите би ја кофинансирале рекапитализацијата на банките, која е поврзана со помалку услови отколку цела програма за помош, а дупките во буџетот би ги пополнувала Русија и за тоа би касирала нормални камати.“

„Зидојче Цајтунг“ се осврнува на степенот на образование на доселениците во Германија. „Млади и образовани - доселениците стануваат се‘ поважни“, гласи наслoвот на текстот, во кој меѓу другото стои:

„Се викаат Џулија, Франческо, но понекогаш и Димитриј, главно се помлади од Германците, натпросечно се образовани. Во периодот од 1989 до 2009 година во Германија се доселиле 185.000 академци кои завршиле математичко-природни науки или некој од техничките факултети. Во земјата се доселиле и околу 29.000 лекари... Посебно добро квалификувани се доселениците од Западна Европа. ’Речиси секој втор oд нив е високообразован и тоа во области за кои постои потреба од такви занимања во Германија’, пишуваат авторите на едно истражување на оваа тема. Дури и доселениците од земји како Иран или Кина имаат повисок степен на образование од самите Германци. И тоа не е и единствената нивна предност. Доселениците имаат во просек 33 години и се многу помлади во споредба со просекот на целокупното германско население“, пишува „Зидојче Цајтунг“.