1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Словенија повторно ја блокира Хрватска во Европската унија

Причините за најновото заострување на односите меѓу Љубљана и Загреб лежат во внатрешно-политичката криза во Словенија, смета германскиот европратеник Елмар Брок. Членките на ЕУ не смеат да го користат правото на вето

Најновите остри тонови на релација Загреб-Љубљана и чувствителните реакции на двете страни поради нерешениот проблем со долгот на Љубљанска банка, продолжи и неделава со расправа во Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент. Пратеници во Европскиот парламент притоа се согласија дека билатералните прашања како ова не смеат да го попречуваат процесот на проширување.

Истакната улога во расправата одигра германскиот конзервативен политичар и претседател на Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент, Елмар Брок (на фотографијата горе). Тој, одговарајќи му на словенечкиот пратеник Јелко Кацин кој ги повторуваше тврдите ставови на Љубљана дека „нема да помогне никаков притисок“, изјави дека ниту една земја членка на ЕУ не смее да го користи правото на вето за да натера друга земја на отстапки.

Jelko Kacin

Јелко Кацин ги бранеше тврдите стравови на Љубљана

Билатералните спорови не смеат да се користат за блокади

Во разговор за Дојче Веле, Брок го повтори своето мислење.

„Потполно е неприфатливо со такви билатерални проблеми да се забавуваат европските процеси. Имаше повеќе од доволно време тие проблеми да се решат во рамките на преговорите за пристап на Хрватска кон ЕУ“, вели Брок.

Тој смета дека во овој момент состојбата дополнително се влошила поради политичката ситуација во самата Словенија и можните предвремени парламентарни избори во земјата.

„Двете страни треба заеднички да најдат решение. Мислам дека Словенија тоа прашање не би требало дополнително да го заплеткува во сенка на предизборната кампања. Секогаш е примамливо во предизборниот период популистички да се игра на некои теми кои инаку би можеле да се решат во нормални околности“, вели Брок.

Брок апелира до Словенија да го преиспита своето однесување кон Хрватска. „Мора да биде јасно дека не се работи за теорија според која некој кој е веќе во автобусот и не пушта никој друг да влезе во него. Преговорите треба да се водат рамноправно, на исто ниво, и на таа основа треба да се најде решение. И Словенија тука не треба да го користи своето право на вето кое и стои на располагање и на тој начин да ја користи предноста“, вели Брок.

ЕУ решавала и поголеми проблеми

Janez Jansa Premierminister Slowenien

Словенечкиот премиер Јанез Јанша

Брок, кој е и надворешно-политички координатор на Европската народна партија, и покрај проблемите, е оптимист што се однесува до датумот за влез на Хрватска во ЕУ. Тој повтори дека не постои потреба за „никаков план Б“ во случај некоја земја членка да не го ратификува пристапаниот договор на Хрватска и ЕУ.

Тој додава дека не сака да го драматизира спорот меѓу Љубљана и Загреб затоа што ЕУ веќе се среќавала со слични проблеми кои правовремено ги решила.

„Ние секогаш сме се соочувале со слични проблеми и досега успешно сме ги решавале“, вели Број. Тој потсетува и на пограничниот спор меѓу Словенија и Италија. „Ние тогаш реагиравме и влијаевме врз Италија како членка на ЕУ по прашањето за границата да пронајде решение и тие навистина не го искомпликуваа проблемот, туку пронајдоа компромис. Истото сега го очекувам и од Словенија“, заклучи претседателот на надворешниот политичкиот Одбор на Европскиот парламент.