1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Словенија дефинитивно го избегна европскиот „чадор за спас“

Објавени се резултатите од стрес-тестот на словенечките банки. Најавено е - државата сама ќе ги докапитализира банките во криза. „Имаме депонирани пари за таа намена“, вели за ДВ Дејан Жидан, потпретседател на владата.

Осум банки во Словенија, погодени од финансиската криза, имаат потреба од дополнителен капитал во вкупен износ од 4,758 милијарди евра. Ова го покажа стрес-тестот на словенечките банки, извршен по налог на ЕУ, чии резултати беа објавени денеска (12.12.2013). Потребите на трите најголеми банки - НЛБ, НКБМ и Абанка Випа изнесуваат 3,12 милијарди. Тие ќе добијат свеж капитал од државата, која за таа потреба планира да издаде обврзници во износ од една милијарда евра.

„Словенија може сама да го реши проблемот со банките. Имаме депонирани пари, за да ги докапитализираме големите банки и нема потреба за помош од европскиот чадор за спас. Во наредната година ќе влеземе со здрав банкарски систем“, изјави Дејан Жидан, потпретседател на владата и министер за земјоделство и екологија на Словенија, во разговор за Македонската редакција на Дојче веле уште пред објавувањето на резултатите од стрес-тестот на банките. Сите шпекулации за евентуална помош однадвор се беспредметни, оцени денеска гувернерот на словенечката централна банка Боштјан Јазбец. „Од денеска е јасно дека Словенија може да го опорави својот банкарски сектор без финансиска помош од своите европски партнери“, рече Оли Рен, комесар на ЕУ за монетарни прашања, коментирајќи ги резултатите од стрес-тестот.

Со рекапитализацијата на банките, долгот на државата ќе се покачи на 75,6 проценти од севкупното годишно постигнување на словенечката економија.

Другите пет засегнати банки - УниКредит банка Словенија, Банка Целје, Хипо Алпе-Адриа, Рајфајзен Словенија и Горењска банка - имаат време до јуни наредната година да ги зголемат своите резерви во капитал за вкупно 1,1 милијарда евра, што би требало да ги обезбедат од приватни инвеститори.

Банките имаат дубиозни кредити во износ од осум милијарди евра, речиси четвртина од годишниот БДП на словенекото стопанство. Околу половина од нив треба да бидат префрлени во „бед-банка“, што владата планира да ја формира веднаш откако ќе добие согласност од Комисијата на ЕУ. Со овој потег треба да се олесни продажбата на банките зафатени од кризата.

Словенија од 2004 година е членка на ЕУ, а од 2007 се приклучи кон зоната на еврото. Долго време беше сметана за пример за углед со добра економија и стабилни стапки на пораст. Но, поради зависноста од извозот, се соочи со тешки последици од меѓународната криза и западна во длабока рецесија. За пет години стопанството доживеа пад од 11 проценти. Само годинава тој пад ќе изнесува 2,7 проценти, а догодина минусот треба да биде намален на еден насто. Падот на економските активности, пак, го доведе во многу тешка состојба словенечкиот банкарски сектор.

За надминување на тековните проблеми, владата на левиот центар започна процес на приватизација. Досега владата контролираше околу половина од стопанството и тоа во банкарскиот сектор, трговијата на мало, телекомуникациите, па се’ до медиумите. Предвидена е продажба на 15 претпријатија, од кои една е веќе реализирана, информира потпретседателот на владата Дејан Жидан при настапот пред два дена пред германски стопанственици во Берлин. За продажба, меѓу другите, ќе бидат понудени и Телеком Словенија, Адрија ервејс и меѓународниот аеродром Љубљана, за на тој начин да се пополни државниот буџет.