1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Словачка станува даночен рај

Кој сака да формира фирма или да го префрли производството во странство сега има добра причина да се реши за Словачка. Покрај ниските трошоци за производство сега привлекуваат и единствените даночни предности. Словачкиот парламент донесе одлука за воведување единствен данок од 19 насто од 1 јануари идната година. Посматрачите веќе предвидуваат инвестиционен бум и зборуваат за европски Хонг Конг.Сега нема назад. Словачка ја усвои најрадикаланата даночна реформа во Европа: даночните стапки од 1 јануари место досегашните меѓу 10 и 38 насто, ќе изнесуваат само 19, подеднакво како и данокот на додадена вредност. Словачка ќе стане рај за инвеститорите, предвидува министерот за финансии Иван Миклош:
"Овде во Словачка ќе имаме најниско оданочување на капиталот меѓу сите земји на ОЕЦД. Истовремено добиваме многу поедноставен даночен систем зашто отстранивме стотици вонредни регулативи".
Владиниот предлог пратениците го изгласаа по вторпат, па сега претседателот на државата Рудолф Шустер нема право на вето. Во еден говор за состојбата на нацијата тој ја критикуваше оваа реформа како непрегледна. Парламентот и граѓаните, велеше, немаат можност да ги проценат последиците:
"Место тоа најчесто слушаме фрази за стегнување на ременот за еден ден да биде подобро. На навидум едноставното, но важно прашање кога, никој не одговорил".
И делови на опозицијата и синдикатите ја нападнаа даночната реформа критикувајќи ја како брутална поделба од долу нагоре. Со покачувањето на ДДВ и на данокот на приход за помалите заработувачки, граѓаните ќе бидат пресилно оптоварени, за да се привлечат странски инвеститори. Министерот за финасии Иван Миклош ги отфрла критиките:
"Оние што социјалната правда ја третираат како еднаквост ќе сметаат дека овој систем е неправеден. Но, јас праведноста ја разбирам како еднаквост на шансите. Тоа не значи еднаквост на животните услови. Луѓето се различни - има разлики во образованието, во работните способности, во вештината, но и во среќата. Има разлики и тие во иднина ќе бидат поголеми од денес. Убеден сум дека тоа е добро".
По оваа реформа посматрачите очекуваат нови инвестиции и префрлања на седиштата на фирмите и производните погони во Словачка. Лозунгот гласи:"Словачка како Хонг Конг" и тој циркулира во меѓународниот печат.