1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Словаците не им веруваат на корумпираните политичари

Денеска (10.03) во Словачка се одржуваат предвремени избори. Тие беа распишани по распадот на коалицијата поради мерките за заштита на еврото, по што изби и голем корупциски скандал меѓу политичарите.

„Светот доживува тешка економска криза. Социјализмот ја носи невработеноста во Европа“- изборниот спот на христијанско-конзервативната владејачка партија КХД иднината ја претставува во темни бои. Парламентарните избори темелно ќе ја променат политичката карта на Словачка, смета политикологот Мариан Леско.

„Десноориентираните гласачи се длабоко разочарани од своите партии. Тие  потфрлија кога се работи за спасувачкиот чадор за еврото. Многумина гласачи ќе останат дома, што ќе има консеквенци по изборниот резултат“.

Parlamentswahlen in der Slowakei

Граѓаните со недели протестираа против корумпираните политичари

Изборен бојкот поради корупциска афера

Три од досегашните четири коалициски партии, според последните анкети, мора да стравуваат за влез во новиот парламент. Главната причина за заканувачкиот изборен дебакл е откривањето на огромната корупциска афера. Со недели Словаците излегуваат на улиците на протести против политичката елита во земјата. Водечки политичари на сите партии со години лично се богателе преку приватизацијата на државните фирми. Околу половината од вкупно 4,3 милиони гласачи затоа не сакаат да излезат на избирачките места.

„Ниеден од кандидатите не ги застапува моите интереси“, резигнирано вели еден граѓанин.

„Во нашиот систем има само корупција и валканици. Такво нешто не сакам да поддржувам“.

Фаворитот Фицо останува претпазлив

Со 14 проценти, Словачка ја има една од највисоките стапки на невработеност во Европа. Државата страда од последиците на економската и финансиската криза. Но, овие теми беа речиси целосно потиснати во изборната  кампања од корупциската афера.

„На Словачка и‘ требаат промени“, гласи изборниот спот на Роберт Фицо. Лидерот на опозиционите социјалдемократи е најпопуларен политичар во земјата. При последните избори неговата партија беше најсилна, сегашните анкети велат дека таа ќе освои апсолутно мнозинство. Но, Фицо е претпазлив:

„Не, уште не треба да ми се честита, не смееме да дозволиме прогнозите да не‘ заспијат, ианку нашите гласачи ќе останат дома. Освен тоа, се‘ уште постои опасноста од широка десна коалиција од шест или седум партии.“

Левичарскиот популист во 2006-та веќе беше четири години словачки премиер. Неговата тогашна коалиција со една десноекстремистичка партија низ цела Европа предизвика бран критики. Социјалната политика финансирана преку долгови, освен тоа, донесе црвено салдо во државниот буџет. За во иднина сега Фицо ветува поинаков курс:

„СМЕР е проевропска партија. Ние знаеме што значи солидарност. Ние ќе ги поддржиме сите нужни мерки за спас на еврото.“

Меѓутоа, меѓу независните аналитичари постои сомнеж дали Фицо навистина ќе биде соиграч за пример во Брисел. Тој важи за моќен политичар, кој своите интереси ги брани со сите средства. Пред револуцијата во 1989-та година тој беше член на Комунистичката партија. Многумина Словаци затоа го сметаат 47-годишниот политичар за вртикапа.

Автор: Штефан Хајнлајн/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска