1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Слободни свадби во Германија

Оној кој стапува во брак во Германија, може тоа да го направи и без да оди во црква. Но, во матичната служба мора секој, за бракот да биде признат, а потоа може да прави што сака.

Таканаречените слободни свадби во моментов се многу популарни во Германија. Таква направија и Џанин и Томас. Тие стапија во брак во капела на една тврдина во близина на Хајлброн. Наместо свештеник имаа професионална говорничка.

Црквата ја исклучија уште при подготовките за свадбата. Затоа таму не стана збор за делови од Библијата, туку за љубовната приказна на Џанин и Томас. На младенците им беше значајно да стапат во брак без црковен благослов, но сепак притоа да има свадбени ритуали.

„Секако, традицијата едноставно треба да биде присутна. Значи, мора да има одреден тек, некој мора да стои напред и да каже - дали ја сакаш? И јас ќе речам - да, ја сакам. А, во принцип сакам исто така тоа да се запечати со бакнеж. Мора да има и размена на прстени, а пред матичарот едноставно ја нема истата атмосфера“, објасни младоженецот Томас Хетчел пред одржувањето на свадбата.

„Исто така за нас е значајно церемонијата да не биде толку крута, туку нашите гости практично притоа да имаат забава и разонода“, вели невестата Џанин Вебер.

Ваквите желби ги реализираат свадбените ораторки, како Кендра Вулф. Според проценките, во Германија ги има над 500, а за таа работа не е потребно посебно образование.

„Претежно тоа се луѓе кои не сакаат да се венчаат во црква, кои не смеат или, пак, не можат. Има многу истополови парови, кои сакаат да стапат во брак и тоа во секој случај со свечена церемонија“, објаснува Вулф.

Така свадбените ораторки станаа конкуренција на црквите, нудејќи свадби од бајките во црква без црква.

„Исто така има многу парови кои едноставно не веруваат во Бога и кои избираат слободна церемонија. Ние не сме поврзани со некои ограничувања или процедури, па парот може слободно да одлучи што сака, а што не сака на свадбената церемонија“, вели ораторката на свадби Вулф.

На свадбата на Џанин и Томас не смееше да недостасува класичното „ДА“ за завет на брак, размена на прстени и бакнеж.

Џанин и Томас не се венчани во црква и стапија во брак на слободна церемонија, по што сите беа среќни.

„Сметам дека ова беше пофамилијарно, помодерно и во поопуштена атмосфера“, вели една гостинка.

„Беше многу свечено“, додава друг гостин.

„Кога мојата ќерка некогаш ќе стапува во брак, би сакала да се организира нешто слично, бидејќи беше супер“, вели една госпоѓа.

„Навистина церемонијата беше едноставно прекрасна“, оценува невестата Џанин Вебер. А, младоженецот се надоврзува:

„Да, свадба од бајките, која почна од кочијата, па преку свадбената церемонија, и се надевам дека ова вака и ќе продолжи и натаму“.

А, како се вели во бајките? Свадбата беше раскошна и величенствена. Брачниот пар живееше во среќа и задоволство до вечноста.