1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Слободниот пристап до работа за луѓето од новите земји членки на унијата е "мислена именка"

Кога на почетокот на мај, десетте држави од Источна и Југоисточна Европа ќе и' се приклучат на ЕУ, некои очекувања на новите граѓани на унијата ќе спласнат. Во принцип, за сите работници во унијата важи "слободен пристап до работно место", односно секој граѓанин на унијата може да бара работа во која било земја членка, но колку што повеќе се приближува денот на проширувањето, се' поголем е бројот на земјите кои сакаат да го ограничат слободното барање работа на новите ЕУ-граѓани.

Ирска, три месеци пред проширувањето на ЕУ е очигледно единствената земја, која не им поставува ограничувања на новите граѓани на унијата од Источна Европа. Во текот на преговорите за приклучување, некои стари членки на ЕУ издејствуваа преодни рокови за десетте нови земји. Германија и Австрија како непосредни соседи на земјите кои се приклучуваат уште од почеток опстојуваа на тоа можностите за вработување да бидат ограничени седум години. Белгија и Финска во меѓувреме се приклучија на ваквото барање. Шведска и Данска сега најавија дека ќе издаваат дозволи за работа доколку биде поднесен договор за вработување. Шведскиот премиер, Јоран Першон, изјави дека би било наивно доколку неговата земја ги остави границите отворени додека истовремено другите земји ги затвораат вратите. Од Велика Британија, која досега го фалеше доселувањето на работна сила од Источна Европа како заживување на економијата, доаѓаат размислувања за преиспитување на ваквиот либерален став. Премиерот Тони Блер, сака да ги заплаши т.н. "Туристи трагачи по благосостојба", значи луѓето кои сакаат да ги злоупотребат социјалните услогу на старите членки на ЕУ.

Нејасна е ситуацијата кај старите членки на унијата од Јужна Европа. Во Италија работниците од новите земји членки би требало да имаат слободен пристап до работните места, но под притисок на коалициониот партнер од десницата, Северната лига, премиерот Берлускони сепак би можел да се реши на рестрикции. Се смета дека ограничувања во наредните недели ќе воведат и Франција и Шпанија.

Европската комисија проценува дека годишно околу 250 илјади граѓани од новите земји на унијата, би барале работа на запад и југ. Тука не се сметаат малите претприемачи, самостојните и нивните семејства. За нив ограничувањата не важат.

Комесарот задолжен за проширувањето на унијата, Гинтер Ферхојген, не е задоволен со несигурната ситуација, но според договрите за приклучување, земјите членки не можат да бидат принудени на единствени правила на однесување.

Новиот еврокомесар од Словачка, Јан Фигел, ги критикува ограничувањата, кои важат за граѓаните од земјите кои треба да се приклучат на унијата. "Ставот дека 14 години по падот на sидот е потребен уште долг преоден период, покажува недостиг на солидарност", вели Фигел. Ограничувањата кои се веќе воведени или кои треба да се воведат, важат само за осумте земји од Источна и Југоисточна Европа, но не и за Малта и Кипар.

Експертите стравуваат дека ограничувањата можат да го поттикнат илегалното вработување по први мај 2004-та. Како туристи, имено, потенцијалните работници можат да допатуваат без виза во старите членки на унијата, каде потоа можат да "исчезнат".