1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Слободниот интернет во раце на приватни компании

По битката со американските закони СОПА и ПИПА, интернет корисниците наидуваат на нова пречка, наречена АКТА. Контроверзниот договор кој го потпиша ЕУ се очекува да биде ратификуван ова лето.

default

Демонстрации на „Анонимните“ во Париз против АКТА (архива)

Anti-Couunterfeiting Trade Agreement или АКТА е мултилатерален договор кој предлага меѓународни стандарди во борба против кршењето на авторските права и пиратеријата. Минатата недела во Токио, 22 земји членки на Европската Унија го потпишаа договорот кој треба да служи како инструмент против плагијати во прехранбената, фармацевтската, текстилната и други индустрии. САД, Канада, Австралија, Јапонија и уште неколку други, договорот го прифатија во октомври минатата година.

Иако ниедна земја се‘ уште го нема ратификувано договорот, на интернет и на социјалните мрежи тој наидува на широко противење. Бројни здруженија, активисти, блогови, укажуваат дека АКТА всушност ја отворa вратата кон цензура на интернетот и остава простор за загрозување на човековите права и слободи.

Организацијата „Акцес“ се залага за заштита на интернет правата на глобално ниво. „Акцес“ во соработка со уште две организации, кои се интересираат за развојот на граѓанските права во информатичкото општество, изработија брошура насловена „Она што АКТА ја прави толку контроверзна“. (http://www.edri.org/files/acta-bklt-p2s.pdf)

Во брошурата се наведуваат причините за широкото противење на договорот, како на пример, дека е спорно тоа што за него е преговарано во тајност. Со ратификувањето на договорот ќе бидат загрозени слободата на изразувањето, пристапот до културата, приватноста. Ќе попречува иновации на дигиталниот пазар и ќе нанесува штета во меѓународната трговија, се вели во брошурата.

Екстремни мерки

Реган Мекдоналд е политички аналитичар од организацијата „Акцес“. Во разговор за Дојче веле коментира: „Едно од најконтроверзните прашања на АКТА е „кооперативното извршување на мерките“, преку кое регулирањето на онлајн-говорот ќе биде ставено во рацете на приватните комапании, без гаранции за правично судење. На тој начин интернет провајдерите во многу

земји ќе бидат употребувани од полицијата во казнувањето, а може да бидат вклучени и екстремни мерки, како на пример правилото три предупредувања пред исклучување од интернет“, вели Мекдоналд.

Aвторите на брошурата силно ги поттикнуваат европските креатори на политики, темелно да ги разгледаат импликациите од договорот и без натамошни гаранции и појаснувања од страна на Европската комисија и Европскиот суд на правдата, бараат Европскиот парламент да гласа против АКТА.

„Последиците од АКТА ќе бидат повеќе опасни во земјите каде спроведувањето на интелектуалните права ќе биде копирано од други земји, но без потребните правни рамки или заштитни мерки со кои треба да се заштити правото на граѓаните за слободно изразување, пристап до информации и приватноста“, вели Реган Мекдоналд.

Symbolbild IT-Gipfel/Netzwerk/Internet

Интернет провајдерите во многу земји ќе бидат употребувани од полицијата во казнувањето, вели Мекдоналд

Граѓаните од малите земји како Македонија користат ресурси лоцирани во САД и ЕУ, како што се на пример Фејсбук или Гугл, врз кои законите од овој вид, како што беа и американските СОПА и ПИПА, имаат директно влијание, вели Филип Стојановски од фондацијата Метаморфозис:

„На пример, со АКТА се наметнуваат кривични санкции за спроведување на правата на интелектуална сопственост кои не се дел од тековното законодавство на ЕУ. Тие одат многу подалеку, иако претходно токму Европскиот парламент одби да прифати многу послаба верзија на слични репресивни мерки. Тековната законска рамка во врска со авторски права и во ЕУ и во САД, со кои е компатибилен и Законот за авторски права на РМ, нудат исклучоци за приватното копирање и ’фер употребата’ за активности како што се критикување, коментар, новинарско известување, за образовни и научни цели...“

Очекувани реакции

АКТА доби многу критики во насока на тоа дека нејзиниот опфат отвора простор за многу злоупотреби кои длабочински може да ја поткопаат слободата на интернетот и да „легитимизираат“ цензура, коментира за Дојче веле комуникологот Сеад Џигал:

„Главен прогресивен тренд во сферата на дигиталните култури е поврзувањето и споделувањето содржини, а АКТА се чини може остро да го измести целиот тој глобален процес на развој на интернетот и дигиталните култури. Таа им дава, би рекол, преголема моќ на моќните да го регулираат и пазарот и интернетот по своја мерка. Ако знаеме дека зад тоа речиси исклучиво се кријат интереси, тогаш загриженоста и реакциите не се неочекувани, и се оправдани во голема мера“, вели Џигал.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска