1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Слободната трговија меѓу ЕУ и САД - на штета на граѓаните?

Поголем стопански пораст, трговија и нови работни места - тоа треба да го донесе новиот трговски договор меѓу САД и Европа. Но, сѐ погласна е критиката дека се работи само за празни ветувања.

Од минатата година Европската комисија и САД интензивно преговараат околу Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство, ТТИП. Целта на оваа спогодба би требало да биде најголемата слободна трговска зона на светот со над 800 милиони жители. Би требало да бидат намалени царинските стапки меѓу САД и ЕУ, да ги снема трговските бариери, а да бидат усогласени стандардите и заштитата на потрошуваачите и околината. Двете страни во преговорите се надеваат овој договор да биде голем поттик за стопанството и со себе да донесе позитивни придружни ефекти како творање нови работни места.

Подобрување за сите?

Поддржувачите на договорот во своите оптимистички прогнози се потпираат врз студиите како онаа, која по налог на фондацијата Бертелсман ја подготви ИФО институтот од Минхен. Главниот автор на оваа студија, Габриел Фелбермајер предвидува пораст на трговскиот волумен од дури 90 проценти. Според чиста математика, и приходот по глава на жител во оваа супер-трговска зона би пораснал среднорочно за речиси 5 проценти. Оптимистички се и очекувањата во поглед на отворање нови работни места. Само во Германија се очекуваат 180 нови илјади работни места. Но, Фелбермајер, и покрај позитивните ефекти од спогодбата, предупредува да не се фрлаат во вода и останатите мерки за оживување на пазарот на труд.

„Тие мерки се поефикасни од спогодбата за слободна трговија“, вели Фелбермајер.

Нетранспарентни преговори

Додека овој експерт е воздржан оптимист, Пиа Еберхард од Корпореит Еуроп Обсерватори, организација која се занимава со надгледувањето на лобистите во ЕУ, смета дека граѓаните нема да имаат претерана корист од спогодбата. Напротив. Таа гледа посебна опасност во разводнувањето на европските стандарди, посебно во однос на законската регулатива кај прехранбените производи.

„На нашите чинии може да стигне повеќе генетски модифицирана храна или пилиња дезинфицирани со хлор, што досега е забрането во ЕУ“, вели Еберхард. Американската земјоделска индустрија уште пред преговорите јасно стави на знаење дека сака пробив на европскиот пазар. Натамошни ефекти од олабавувањето на строгите европски норми би можело да бидат снижените стандарди и кога станува збор за правата на работниците или заштитата на авторските права. Преговарачот на ЕК, Игнасио Гарсија Берчеро неодамна нагласи дека европската страна во преговорите повлекла „црвени линии“ кои не смеат да бидат игнорирани. Но критичарите не се смирени со тоа, првенствено затоа што најголем дел од преговорите се одвива во длабока тајност. Како што критикува и Пиа Еберхард, содржината на поглавијата на преговорите, за разлика од останатите важни документи во ЕУ, кои се достапни на јавноста, е прекриена со превез на тајност.

Суд за потребите на индустријата

Истовремено, лобистите на разните индустрии очигледно имаат увид во одделните поглавија на преговорите.

„За разлика од осносот кон претприемачите, преговарачите не одржаа ни еден состанок со претставниците на синдикатите, заштитниците на правата на потрошувачите и на животната околина“, критикува Еберхард. Посебно спорни се деловите од спогодбата кои се однесуваат на идната заштита на правата на инвеститорите, кои, во случај да се чувствуваат загрозени, своите права ќе можат да ги изборат пред посебна инстанца, ИСДС, чие основање би требало да биде составен дел на договорот. Боде очи што овие „судови за надминување на недоразбирањата“ би требало да функционираат надвор од важечките правни системи.

„Од цивилно-правен аспект овие арбитражни судови се целосно непотребни, а силните индустриски сојузи со нив сакаат да воспостават паралални правни системи надвор од досегот на политиката и на јавноста“, критикува Петер Фукс, директор на еколошко-економската организација „Пауер Шифт“. За воведување вакви судови посебно се залагаа мултинационалните концерни како американскиот енергетски гигант Шеврон.

По жестоката критика, темата ИСДС засега е исфрлена од преговорите. Исто така е најавено преговорите во иднина да бидат потранспарентни.

„И покрај тоа, до денес нема достапен ниеден текст од преговарачките поглавја. Цивилното општество и натаму е целосно исклучено од овој процес“, критикува Пиа Еберхард.

Во март би требало да почне нов круг преговори. Меѓутоа, никој не очекува дека ТТИП спогодбата ќе биде потпишана пред претседателските избори во САД во 2016. година.