1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Слобода на медиумите - најтешко е да се пишува за корупција

Во времето на комунизмот во земјите од ЈИ Европа медиумите беа под директна контрола на комунистите. Демократијата и капитализмот доведоа до поместување на центарот од кој се врши притисок - од политиката на бизнисот.

Бидејќи доби отказ на бугарската ТВ 7, новинарката Љуба Кулезич на другите медиуми им раскажа дека бившиот премиер Бојко Борисов им праќал пораки на уредниците и новинарите и така одредувал за што треба да известуваат. Слични приказни за начинот на кој различни центри на моќ влијаат врз медиумите може да се слушнат од речиси сите новинари во Југоисточна Европа.

„Притисокот врз новинарите го вршат политичките партии“, сигурна е Елвира Јукиќ-Мујкиќ, новинарка на Балканската истражувачка мрежа од БиХ.

„Политичарите некогаш во текот на денот ги повикуваат уредниците и по 20 пати, барајќи нешто да биде или да не биде објавено“, раскажува Валентина Нешиќ од српската новинска агенција Бета. На новинарите ретко им се обраќаат директно со вакви барања. Нешиќ објаснува дека упатствата стигнуваат од уредникот, но поинаку формулирани:

„Тоа не ни е занимливо, или, ќе одиме на оваа или на онаа страна“.

Политичарите избираат и кој ќе биде шеф на некој медиум, кому ќе му даваат упатства:

„Конкретно, ситуацијата во БиХ е таква што во Федерацијата, да речеме, има промени на власта и од конкертната промена зависи дали ќе се менуваат директорите на телевизијата“, вели Јукиќ-Мујкиќ.

„Ако би се променила власта во Република Српска, веројатно би се променил и менаџментот на јавниот сервис. А јавните сервиси во БиХ се најгледаните медиуми“.

До пред неколку месеци, политичарите од коалицијата на власт во Македонија беа сопственици на речиси сите највлијателни медиуми во Македонија. Во некои од нив, под притисок на ЕУ, се промени сопственичката структура. Сепак, притисокот остана, тврди новинарката Марија Севриева:

„Најголемиот маркетинг доаѓа од владата. Владата им плаќа на многу медиуми да ги емитуваат нејзините реклами и тогаш, може да се рече, дека и најголемата заработувачка доаѓа од владата“.

Индиректен притисок од политичарите

Владите на таков начин диктираат во сите земји на ЈИ Европа што ќе биде објавено во медиумите.

„Сопственици на најголем дел од медиумите се бизнисмени, но тие имаат политички интерес“, укажува Роксана Прикоп, новинарка на романскиот финансиски неделник „Зиарул Финансиар“.

Слично е и во Албанија, каде сопствениците на голем број градежни фирми имаат свои весници и телевизии, како и политичари кои ги поддржуваат.

„Тие им пружаат поддршка во медиумите за да добијат градежни дозволи или некои тендери или услуги“, објаснува албанскиот новинар Фатјон Кодра:

„Од другастрана, постојат медиуми, весници или телевизии кои ја поддржуваат опозицијата , недвајќи се таа да дојде на власт, а тие да бидат наградени“.

Bosch-Reuters-Meeting in Berlin Richard Meares

Ричард Мирс

Парите ги одредуваат содржините

И кога не се сопственици на медиуми, бизнисмените одредуваат за што тие ќе пишуваат. Британскиот новинар Ричард Мирс од фондацијата „Томсон Ројтерс“ објаснува како новинарка од Балканот му раскажувала дека нејзиниот весник, поради известување за наместени тендери за одредени компании, ги губел токму тие компании како значајни огласувачи.

„Голем број новинари ми раскажуваат како се запирани од шефовите пред да почнат да пишуваат приказни кои би можеле да влијаат на тоа кој се‘ ќе дава огласи во весникот“.

Новинарката од Љубљана, Лана Дакиќ вели дека е така и во Словенија:

„Посебно во енергетиката, зашто таму постои големо лоби“. Таа очекува притисокот врз новинарите од овој сектор допрва да расте, зашто во Словенија ќе се градат хидроелектрани, како и гасоводот Јужен тек. Словенија е на 35 место на листата на Репортери без граници според слободата на медиумите и најдобро пласирана земја од ЈУ Европа.

Во време на комунизмот, во сите овие земји медиумите беа под директна котрола на комунистичките партии, така што новинарите, на некој начин, се навикнале на политички притисок, смета новинарот на Ројтерс, Мирс. Демократијата, неразвиениот капитализам и влијанието на компаниите доведоа до промена на центарот од кој се врши притисок, од политиката тој се премести врз бизнисот.

„Тешко е да се каже што е полошо. Веројатно, како се развиваат земјите, расте комерцијалното влијание и зависноста од огласувањето, рекламите. Но, во многу земји проблемот е обединет, зашто политичарите и моќните бизнисмени се најчесто едни исти луѓе, така што понекога тоа е лажна разлика“, истакнува Мирс.

„Притисок вр себе“

Горан Милиќ во времето на комунизмот во бивша Југославија беше новинар и уредник.Тој веќе 43 години работи во медиумите, сега е уредник на Ал Џазира за Балкан.

„Новинарите се притискаат самите себе си, зашто знаат што ќе чита јавноста. Знаете, кога ќе ви се јават педесетмина-’Срам да ти е, предавнику, ти ќе пишуваш против Хрватите, ти ќе пишуваш против Србите...Што рече, треба да се преговара со Косоварите? Мајка ти нека преговара со Косоварите’“. Милиќ тврди дека новинарите сакаат изјави за постоење притисок од големите центри на моќ, кои центри, пак, всушност, воопшто не се заинтересирани за весниците, притисокот доаѓа од сосем друга страна:

„Ќе дојдат мајката, таткото, на младиот новинар ќе му речат: ’Црни сине, јас не смеам да излезам во чаршија поради тебе, што ми правиш?’“

„Има и автоцензура, но не верувам дека е толкава“, признава Махир Шахиновиќ, кој ги истражува токму случаите на корупција за Центарот за истражувачко новинарство од БиХ:

„Повеќе мислам дека новинарите не можат да работат и се откажуваат кога работат во такви медиуми, не сакаат да работат такви приказни, зашто знаат дека нема да пројдат“.

Известувањето за корупцијата проаѓа ако новинарите пишуваат во медиуми на спротивната политичка опција, тврди мнозинството балкански новинари.

„Ако си на страна на опозицијата, ќе пишуваш за корупција. Ако си во медиум кој го контролира партијата на власт, нема шанса да пишуваш за тоа“, сигурен е Фатјон Кодра, уредник на албанскиот дневник „Интегрими“.

Bosch-Reuters-Meeting in Berlin Goran Milic

Горан Милиќ

Кризата го зголемува притисокот

Новинарите кои трпат притисок во било која од балканските земји се надеваат состојбата да се поправи со влез во ЕУ. Роксана Прикоп тврди, тоа се случи во Романија, но само накратко.

„Ситуацијата за новинарите е лоша, полоша отколку што беше пред влезот на земјата во ЕУ, поради кризата, не поради политичарите“. Таа го објаснува стравот на новинарите да не ја загубат работата, поради што внимателно одбираат за што ќе пишуваат.

Цветан Василев, контроверзен бугарски бизнисмен, сопственик е на две телевизии и осум весници и е во добри односи со бившиот премиер.

„Постојат медиуми чии сопственици се други бизнисмени, помалку или повеќе контроверзни. А тие моментно имаат проблеми поради тужби за известување за зделките на првиот тајкун, така што тие всушнсот се борат едни против други“, вели бугарскиот новинар Филип Липев.

Малиот број медиуми кои не се во сопственост на членовите на владејачката коалиција во Македонија, сепак не може да пишува ни за корупцијата во спротивниот блок. Ситуацијата во Скопје слободната новинарка Марија Севриева вака ја опишува:

„Имаме престроги закони за клевета и за навреда. Газдите на медиумите буквално и искрено велат: ’Немаме веќе пари да се влечкаме по судовите, мораме да ја спуштиме топката. Знаеме дека тоа не е професионално, но не можеме да опстанеме на пазарот ако иницираме теми за корупцијата’“.

Македонија се наоѓа на 116 место на листата на Репортери без граници. Таа е најлошо рангирана држава по слободата на медиумите од сите во ЈИ Европа.