1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Слободата на печатот предизвик за Русија

Овогодинешниот Петерсбуршки дијалог беше во сенка на убиството на руската новинарка Политковскаја. Стручњаците собрани на германско – рускиот форум дискутираа и за внатрешно политичките прилики во Русија и за различни прашања поврзани со стопанската и културна соработка. Прашањата околу демократијата и слободата на печатот во Русија ги коментира Корнелија Рабиц.

Путин и Меркел

Путин и Меркел

Непријатните прашања во фокусот беа убиството на најголемата критичарка на режимот во Русија, независната новинарка Политковскаја, каки и безобѕирниот настап на Русија против граѓаните на Грузија во Москва. Но, секако доминираа и разговорите за големите бизниси меѓу Германија и Европа со земјата богата со ресурси со која управува самосвесен претседател.

Ни германската канцеларка во разговор со претседателот на Русија не можеше да ги избегне жешките теми: Ангела Меркел енергично побара разјаснување на убиството на новинарката. Очигледно, повеќе не ни можеше да направи. Владимир Путин и вети сеопфатна истрага. Но, тоа што тој истовремено се обиде да го намали значењето на Ана Политковскаја опишувајќи ја како човек без големо значење и влијание во руското општество е специфична форма на цинизам. Сигурно е неосновано и претерано Путин да се нарече „убиец“, како што бараа дел од демонстрантите во Дрезден, но неговата политика е таа којашто создаде клима на несигурност и страв што постојано го тврдат и германските и руските новинари во своите извештаи. Тоа е клима која со поддбив ги третира вредностите – слобода, независност на печатот и плурализам на мислење – клима во која оние кои мислат поинаку стануваат жртви.

Стопанската соработка меѓу двете земји очигледно добро напредува, но без разлика на успешните бизниси, слободата на печатот беше и останува единица мерка во демократските процеси во Русија. Темата медиумска слобода, беше и останува спорна точка меѓу Германија и Русија. Некои од претставниците на Кремљ, критиките од страна на западниот печат ги оценуваат како еднострани.

Но, реалноста покажува дека во односот кон граѓаните и нивните основни права, Русија од Западот може многу да научи. Но, нејзината подготвеност во таа насока е се уште на ниско ниво, а тоа не можеше да го промени ниту петгодишниот „Петерсбуршки дијалог“.

Критиката на демократските дефицити на Русија не би смеела да биде препуштена само на храбрите современици или на поедини групи. Исто така и претставниците на стопанството и општетсвото не би смееле да ја пропуштат приликата јасно да кажат дека на демократската држава и припаѓа и слобода на печатот и различно мислење и услови за работа во кои новинарите не би морале да стравуваат за сопствените животи. И тоа не само во Москва, туку и во руските провинции. Ова прашање останува предизвик за целиот спектар на германско – руските односи.