1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Славниот Ливерпул му гостува на Работнички

Силен фудбалски бран ја заплиска Македонија, во името на великанот Ливерпул. Петкратниот европски шампион долета на мегдан на Работнички во третото коло во Лигата на Европа. Еуфоријатa во пресрет на дуелот кулминира!

default

Работнички, резултатски релаксиран, организационо мобилен, влегува во испишувањето на златната клупска страница. Тренерот на Работнички Зоран Стратев вели дека ужива во моментот, а без ракавици, зборува за тимот кој ќе

Zoran Stratev

Тренерот Стратев

му се спротистави вечер на Ливерпул. „Земав за храброст во овој натпревар да играме во формација 4-3-3. Ќе играме со тројца фудбалери, кои имаат класични офанзивни квалитети. Значи, Вандаир, Фабио и Зе Карлос се во нападот, во фаза на одбрана двајца од нив ќе помагаат. Во средината ќе бидат Тодоровски, Туневски и Глигоров и во одбраната Богатинов на голот, десно Димовски, лево Секуловски и на централните позиции Фернандо и новото откритие Белица.“

Капитенот на Работнички Никола Глигоров не ја одбегнува реалноста за силата на противникот, но го пренесува и тимскиот дух на Работнички, ентузијазмот и желбата за надигрување. „Сите во клубот се надеваме барем на еден успешен резултат. Ќе дадеме се’ од себе. 22-илјадната публика нема да зажали, а ние макар и со пораз ќе излеземе со кренати глави. Тоа ќе биде нашиот максимум“.

Хоџсон: „Работнички ќе даде се’ од себе“

Roy Hodgson

Рој Хоџсон

Рој Хоџсон, своето официјално деби на клупата на Ливерпул ќе го има токму во Скопје. Кормилото на 18- кратниот англиски шампион го презема во моменти кога славниот фудбалски брод плови во турбулентни води, далеку од англискиот лига врв, без билет за место во престижната Лига на шампионите. Се коцка ли уште на стартот со реномето на Ливерпул, кога во Скопје слетува без Џерард, Торес, Кол, Карагер, Рејна....Или пак безгранично верува во состав предводен од Лукас Леива како капитен, со мондијалците Шкртел, Агер, Кирјакос, Јовановиќ и со другите играчи од сенка! Хоџсон не крие дека нема многу информации за Работнички.

„Јас имам сознанија за мечевите на Работнички против Мика. Ги гледав видеата од овие два натпревара. Знам нешто за историјата на клубот, дека е формиран 1937-та година и за тоа дека е успешен македонски клуб, особено во новиот милениум, по 2000-та година. Тие имаат успеси и искуство во европскиот фудбал. Секоја година играат на ова ниво. Очекувам тежок натпревар од тимот, за кој е ова важен натпревар. Ние знаеме дека ќе дадат се’ од себе.“

Билетите распродадени

Symbolbild Fussball

Фудбалот е прекрасна игра. Неповторлива! Се манифестира на многу начини. Веќе два дена билети за овој меч нема, сите 22 000 вредни парчиња хартија се распродадени за неколку часа. Македонското опкружување, само љубителите на фудбалот од Србија, Бугарија, Албанија, Грција биле со побарувања на повеќе од 5 илјади влезни билети. За фановите на Ливерпул се отстапени над 1000 места на централната трибина. Повеќе од 50 известувачи од Англија допатуваа во Скопје. Суровата неминовност е и дека вратите на Филип Втори арената од безбедносни причини ќе бидат затворени еден час пред почетокот на натпреварот. Ниту трага од господско завземање на сопственото место.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM