1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Слабеење со помош на силата на мислите

Заситување преку мисли наместо со вистинско јадење, дали е тоа можно? Да, велат научниците - ако доволно долго „јадете“ во мислите, апетитот поминува, а ако тоа често го правите, преминува во научена навика.

Човек мисли на нешто вкусно... и ммм, веќе му течат лиги од устата, трча кон фрижидерот и јаде - ох, колку е слатко.

Ова сите го доживеале. Но, што ако не потклекнете на огромната глад и наместо тоа само си замислите дека јадете вкусна торта? Тоа го истражуваат психолозите во Питсбург на универзитетот Карнеги Мелон.

Научниците на испитаниците им прикажуваат фотографии на јадења, на пример сирење, и тие треба да си замислат дека го јадат. Ако доволно долго во мислите го јадете сирењето, апетитот поминува. Стимулацијата веќе не предизвикува вообичаена реакција. Психолозите тоа го нарекуваат хабитуација, научено одвикнување.

Психологот Јоахим Фосгерау истакнува:

„Ние сме први кои покажуваат оти помислата дека нешто се јаде, може да го поттикне процесот на потиснување на навиката. Тоа значи, во принцип слабее реакцијата на стимулација. Со време, стимулацијата нема веќе шанса да предизвика реакција.“

Процес на учење настапува при многу реакции. Оној кој спие на бучно место, со време веќе не ја слуша вревата, зашто научува дека таа за него нема значење. Хабитуацијата се грижи за приспособување, но и ги регулира задоволството и љубопитноста.

За да се заситите преку мисли, мора вистински да замислите дека јадете. За да ја зауздате гладта, не е доволно да си претставите чоколадни бонбони, туку во мислите мора да ги јадете и тоа често.

„Треба да си замислувате дека јадете толку долго колку што нормално би јаделе. Ако на пример едно парче торта го јадете на 30 залаци, мора толку и да преџвакате во мислите, во спротивно нема ефект“, објаснува КериМовеџ, психолог.

Еден пример: луѓето кои го загубиле помнењето, јадат едноподруго два или трипати исто јадење ако им се принесе. Тоа покажува колку е важна психологијата кај прашањето колку човек јаде и кога престанува да јаде.

„Два процеса одредуваат кога прекинуваме да јадеме. Првиот е чувството дека желудникот е полн. Другиот сигнал е хабитуацијата. Повратната информација од желудникот стигнува предоцна за да се прекине со јадење, хабитуацијата е многу побрза и во поголем дел одредува колку ќе изедеме“, вели Мовеџ.

Гледај видео 03:50

Слабеење со помош на силата на мислите

Но, и кај јадењето во мислите е како и во вистинскиот живот, апетитот се губи само за она јадење и вкус кој тукушто бил задоволен. Ако ја заситите гладта по чоколадни бонбони, може да ви се пријаде нешто друго, сирење на пример.

Американските научници заклучиле - дебелите луѓе често јадат пребрзо и премногу, долго им треба до хабитуацијата. Тие предоцна забележуваат дека им е доста. Тука, јадењето во мислите отвора нови перспективи, зашто тоа гарантирано не носи дебелина.

„Кога имам тешкотии ако јадам чоколадо, секогаш кога ќе почувствувам желба да го јадам, можам да си замислам како го јадам, парче по парче. Тоа ќе ја редуцира желбата“, уверува Фосгерау.

Јоахим Фосгерау се надева дека хабитуацијата ќе може да ја примени и на други полиња. Во автотестот тој со помош на оваа метода се одвикнал дури и од пушење.

Аудио и видео прилози на оваа тема