1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Скулптури од артефакти преку 3Д-печатач

Во берлинските музеи од пред речиси два века се прават детални копии на скулптури и статуи од специјални гипсени калапи. Тоа е тешко со филигрански артефакти, бидејќи силиконот и гипсот би можеле да ги уништат.

Работилницата за гипсени реплики во Државниот музеј во Берлин. Од пред 200 години тука се прават копии на скулптури, релјефи и статуи од сите епохи и културни средини. И, тоа сосема традиционално - врз оригиналот се нанесува силиконска маса. Откако ќе се стврдне, таа се отстранува. Така се добива форма која може да се полни со гипс.

Репликите од Берлин се распродаваат во целиот свет. Но, Мигел Хелфрих, како раководител на работилницата за гипсени реплики, мора да внимава оригиналите да не се оштетат, бидејќи има повеќе и помалку погодни предмети.

„Ние тука произведуваме сертифицирани музејски реплики. Тоа значи колку понепосредно се доближиме до оригиналот, толку подобро. Површината мора да биде што е можно помазна, за да можеме со смесата за калапот, која е од силиконска материја, да работиме дирекно на површината“, објаснува Мигел Хелфрих, раководител на работилницата за реплики.

Гледај видео 03:24

Скулптури од 3Д-печатач

Но, тоа не е можно со секој објект. Таква е, на пример, една филигранска дрвена статуетка во Египетскиот музеј во Берлин, стара три и пол илјади години. Таа е портрет на Теје - свекрвата на познатата Нефретити. Директорката на збирката, Фридерике Зајфрид, не сака да дозволи правење калап од силикон. Таа стравува за ситните детали на фигурата и добро зачуваната боја. Но, професорот Хартмут Шванд, од Техничкиот универзитет во Берлин, би можел да го реши проблемот.

Во 3Д-лабораторијата на Техничкиот универзитет може безгрижно да се направи калап од статуетката. Притоа експертите многу брзо проектираат врз објектот серија на пругсти модели. Врз основа на дисторзијата на овие линии, специјална камера регистрира милиони мерни точки. Секоја од нив репродуцира точна позиција на површината на уметничкото дело.

Овој облак од точки мора да се собере во една форма. За тоа се грижи компјутерска програма. По повеќечасовна компјутерска работа се создава виртуелната близначка на Теје.

Но, само со ова не може да почне работата во работилницата за гипсени копии. Затоа се користи 3Д-печатач. Со помош на лизгач се залепува една специјална мешавина во прав. Слој по слој, еден врз друг. Така од виртуелниот модел се појавува детална, реална копија.

А, од неа во работилницата за гипсени копии без колебање можат да се прават силиконски форми, кои се основа за безбројни гипсени копии. Бесценетиот оригинал сепак може недопрен и добро сочуван да остане зад стаклото и во следните три и пол илјади години.

Аудио и видео прилози на оваа тема