1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Скромен старт и амбициозни планови

Aмериканскиот гигант за информатичка технологија “ЦИСКО“ влегува во Македонија. По “Сименс“ и “Џонсон Контролс“, тоа е третата светски позната компанија што во последниов месец почнува бизнис или најавува инвестиција во Македонија. “ЦИСКО“ ќе стартува скромно, само со отворање на канцеларија во Скопје, но има амбициозни планови.

default

“Она што го ветуваме денес е дека врз база на трендовите во телекомуникациската индустрија, ќе продолжиме со нашите иновативни процеси, и ќе ги донесеме најдобрите страни на технологијата за нашите клиенти во Македонија“, изјави Иштван Пан од компанијата “ЦИСКО системи“. Најавата за влезот на “ЦИСКО“ на македонскиот пазар се случува само еден ден по доаѓањето на експертскиот тим на германски “Сименс“ во Македонија. Во изјавата за Дојче Веле, вицепремиерот Зоран Стравревски обелодени колкава инвестиција Македонија очекува од електронскиот гигант.

“Вкупната инвестиција ќе биде некаде меѓу 80 и 90 милиони евра, но тоа е почетна инвестиција што сега се договара. Зависно од тоа како ќе се развиваат работите таа може да се зголемува или да се намалува“.

На почетокот на октомври почна изградбата на фабрика за автомобилска опрема на америкакнската компанија “Џонсон Контролс“ во слободната зона Бунарџик, инвестиција вредна дваесетина милиони долари. Ваквиот позитивен ивнестициски тренд ќе и овозможи на Македонија да ја заврши 2006 со многу поголем обем на странски директни инвестиции во однос на претходните години. Во 2004 влегоа само 140 милиони долари, лани уште помалку. Годинава ќе има над 300 милиони иако повеќе од половина од овој износ отпаѓа на продажбата на ЕСМ на австриски ЕВН. И да се остварат најоптимиситчките прогнози, Македонија ќе биде последна во Европа по прилив на странски капитал. Во обид да ја поправи ваквата слика, премиерот Никола Груевски вчера објави дека владата почнува лов на странски инвеститори.

“Ќе бидат објаснети петте најважни предности што ги дава Македонија зошто инвеститорите да инвестираат во Македонија, а не во друга држава. Тоа е преткампања што треба да ги заинтересира за можностите да инвестираат тука“.

Во очекување на најавениот инвестициски бум во Македонија, ќе згасне најголемата фабрика со која управуваат странци.

Кабинетот на Груевски синоќа реши да ја запре испораката на струја во Силмак. Тоа може да значи крај за комбинатот за феросилициум, но владата ризикува во обид да ја пресретне сериозната енергетска криза и недостигот од елетрична енергија што и се заканува на земјата особено во текот на зимскиот период.