1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скриената порака на Бејли

Примерот со ДИК е првото црвено светло на аларм за дестабилизацијата која ни чука на порти. Кој воопшто верува дека баш никој од медиумите, од цивилното општество не знаел за братството на лоповлук помеѓу партиите?

Опасноста за Македонија и синдромот на нејзината пропаст не лежи во судирите помеѓу посточеките menage-a-troi партии. Туку напротив, во нивната соработка. Овие зборови, со кои ја завршив минатата колумна, неочекувано добија небарана – иако добредојдена – конкретна илустрација за начинот на кој функционира пактот на молк помеѓу овдешните пол-партии, пред се СДСМ, ВМРО и ДУИ. Потврдата дојде од човекот со директно познавање на вистинските природи на нашите лидери – амбасадорот Џес Бејли и неговата беседа за озаконетата и легитимирана корупција во Државната изборна комисија.

Беседа за која се разви толку муабет и излеа толку гнев, а сепак ниту еден медиум не најде за сходно да ја објави во целост, иако истата била снимена. Со што јавноста остана закината за севкупно разбирање на контекстот на изјавата, но и други, дополнителни информации. Како на пример, дали во својот остар настап Бејли се има фокусирано единствено врз работата на ДИК, или пак кажал и критички збор-два за работата на медиумите. Па дури и да не кажал, само по себе се наметнува поразителното наравоучение за нас и нашата реалност во која при 3 дневни весници, десетици национални телевизии и радиа, стотици портали, илјадници новинари, две новинарски здруженија, башка социјални мрежи, требаше еден странски амбасадор да излезе и да ни пренесе што се случува, тука, под нашиот префинет нос.

Врева за ситни рипчиња?!

Рака на срце, колку и да сме му благодарни за тоа на амбасадорот Бејли, неминовно е да потсетиме дека неговиот настап – типично традиционално – доаѓа на крај на дипломатскиот мандат. Во кој самиот тој се истакна како перфиден оператор на протнување селективна правда според дневнo политички аршин. Поради што сметам дека не е воопшто невоспитано доколку се загледаме длабоко во неговите заби додека ни дарува ексклузива од ДИК. Посебно што неговите заби останаа до крај цврсто, ко менгеле затворени за големите риби од калиброт на Мијалков С. или Џафери М. Така да илустрацијата за бонус-дикус-домус-феликс останува подеднакво причина за благодарност, во иста мерка како и егземплар на дипломатска врева за ситни рипчиња на сметка на големите сомови.  Времето ќе покаже дали критиката на Бејли бипа аларм за освестување или пак задоцнет обид за Понтие Пилатско миење раце од идните последици на политиките во кои тој самиот ја има одиграно клучната и често неславна улога. 

Претходни колумни на авторот: 

Црни Вторници и Бели Лаги

Црвените Бригади на НАТО

Спор за Име и Мир со Корупција

Лично, мислам дека станува збор за второто. Следејќи ги реакциите кои уследија по објавувањето на веста за забеганиот ДИК, никој не најде за сходно, освен пораката, да ја земе во предвид и локацијата од која е дадена. Одлуката на Бејли да алармира за ексалацијата на корупцијата токму низ предавање одржано пред Факултетот за Безбедност е втората (премолчана) порака со кој се порачува дека проблемот со корупцијата не е некакво морално-етичко плачи-политиканчење, туку големо, дебело безбедносно прашање кое задира во сржта на стабилноста и безбедноста на земјата. Потенцирањето на фактот што сите краделе од ДИК, без оглед на партиска, етничка и било каква разлика, е директен жесток и потсмешлив шамар за сите нас (повеќе отколку за ДИК братијата). Но и повеќе од тоа – укажување на длабочината и широчината на метастазата на корупцијата до таа мерка што доколку сите реформски и патриотски бранителли на демократијата братски молчеле за пишливи 50-60.000 евра, колку ли би одмолчале и ослепиле за две-три нули повеќе? Доколку таква ситно-кокошарска корупција се одвива во срцевината на легитимацискиот суд за демократско претставништво, што тогаш се случува во парламентарниот дом кој решава за легитимноста на владата која треба да ги спроведува политиките на добро владеење, одбрана и безбедност? Не, не,  ништо во беседата на Бејли не е случајно. Туку прецизно темпирано. Временски, за миење на рацете пред заминување. Тематски, преку вперување прст во самата срж на нашата "демократија” и политичко претставништво. Просторно, во Факултетот за Безбедност како потсетник дека "корупцијата е закана како за националната, така и за глобалната безбедност”, како што предупредува Сара Чејс.

Mazedonien Skopje Jess Bailey (r) US Botschafter (DW/P. Stojanovski)

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли

Нема чесност!

Справувањето со корупцијата е императив на враќање не на државата, туку на државноста, како субјект на кохезиона енергија на општеството и власта. Таа државност засега едвај дише, опстојува во зашеметеното општество, но – признале тие или не – е целосно истребено како концепт од власта како институција на позицијата и опозицијата. Таа истребеност на државноста од институциите на владеење го дефинира „моралниот карактер на бездржавништвото, бидејќи без државност нема моралност, нема граѓански доблести и граѓанска храброст. Или народски кажано – нема чесност”. Позајмениот цитат припаѓа на Милош Васиќ од воведот на книгата "Атентатот врз Зоран” во кој се исцртува сликата за Србија по Милошевиќ и настаните кои претходеа на убиството на Ѓинѓиќ.

Скраја да е секоја помисла дека нашиот пост-Груевизам неминовно води во слични епилози, дури и кога нашиот Зоран излетува со црни беседи и сведоштва за атентати. Но колку што се обврзувачки сите наши пу-пу и чукни-во-дрво човечки суеверија за добробита на ама баш секоја јавна или политичка личност, неминовно е да се укаже дека не само описот на Васиќ, туку и севкупната атмосфера во Македонија денес потресно и предупредувачки потсетува на Србија по падот на Слободан Милошевиќ.

Споредбените паралели на пост-состојбите во двете земји се доволно прецизни: општество здружено околу мотивот "против”, но без јасна идеа што после него; профитеризација на отпорот или шарената револуција; кавги во опозициските партиски водства; давање предност на надворешно-политички прашања на грб на внатрешните кризи кои продолжуваат со несмален интензитет; баласт на шурувања со подземјето како испомош во рушење на режимот; периферни обиди за ставање ред во тајните служби; зајакната медиумска пропаганда; замена на една партизација на инситуцитте со друга итн. Сепак, најсилната сличност лежи во чувството на граѓаните и јавноста дека нејзината волја не се почитува, не се вреднува и се занемарува во прилог на пропагандната халабука на владејачката пост-режимска камарила. Оттаму и доминантната атмосфера на исчекување на вистински промени кои ќе настапат по тековните реформски имитации. Што не треба да не чуди, доколку разбереме дека падот на големите режими редовно се проследени од транзициски водства со краток рок на траење. Токму по примерот на Србија, Русија, и останати земји со пост-режимски искуства. Прашањето кое загрижува е дали тоа подразбира и враќање на нова автократија која на бранот на популизмот ќе воспостави нов автократски поредок, во име на ставање ред и мир во анархијата на сегашните реформисти? Можноста е толку поголема колку што кон истата потсмешливо реагираме.

Zoran Djindjic (picture-alliance / dpa)

Зоран Ѓинѓиќ

Црвено светло

Примерот со ДИК е првото црвено светло на аларм за дестабилизацијата која ни чука на порти. Кој воопшто верува дека во оваа селендра од град баш никој од новинарите, медиумите, од она ругло што го нарекуваме цивилно општество не знаел за братството на лоповлук помеѓу партиите? Не е корупцијата на грст алчни во ДИК која е загрижувачка, туку заверата на молк на сите оние кои требало навреме да алармираат, месеци пред тоа да го направи Бејли. Пост-свадбарските тапани на морализирање дека, ете, само што дознале, само што не напишале, само што не се побуниле не се вредни ниту коментар, ниту достојни за земање во предвид. Не е веќе прашање на кое приоритетно место на реформите треба да се постави прашањето на корупцијата, туку одговорот е во потребата да истата биде ставена на посебен лист на врв на топ-листата приоритети, како далеку побитен и животно значаен приоритет од споровите со комшиите, членства, интеграции и останато. Сето тоа е политичка мимикрија за избегнување на соочувањето со вистинскиот звер кој не има зајавнато. Доколку не верувате, потсетете се дека вистинската криза во Србија не започна со падот на Милошевиќ, ујдурмите на Коштуница, апсењата на воените злосторници, убиството на Ѓинѓиќ, туку со неговата најава дека следната година (2004) ќе биде година на борбата со организираниот криминал.

Корозијата на ДИК и севкупниот систем на мониторинг, алармирање и санација на корупцијата кај нас укажува дека е наивно да се верува во сегашните политички партии, медиуми и цивилен сектор да испорачаат она за што се дебело платени. Режимската темница наследена од револуционерниот мрак е само потврда дека промените кај нас се сѐ уште фигуративни, но не содржински. Затоа, вреди да се искористи новото лого на Вашингтон Пост дека демократијата навистина умира во темница, потсетувајќи не на судбинската битност на вистински независните и слободни медиуми како побитни дури и од партиите и црвливите НВО јапи-манекени. На Македонија како никогаш досега и е потребен слободен медиум, независен од парите на криминализираните партии, дипломатскки пломп-уредници и од-горе диктирана уредувачка политика. Медиум кој ќе не потсети на заборавеното – дека марширањата низ улиците не беа против Груевски и Ахмети ниту пак за Заев и Ахмети. Туку за нас.

DW.COM