1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Скорешен подем на Грција останува утопија

Германскиот министер за финансии Шојбле во предизборната кампања отворено прозборе за неопходноста од натамошна помош за Грција. Со тоа европската криза на презадолженост се врати на дневен ред и стана и предизборна тема

„Зиддојче цајтунг“ пишува за „Лаги и вистини“ во врска со спасувањето на Грција. Весникот го оценува како „напредок“ тоа што „Шојбле сега не прикрива, туку зборува вчудовидувачки јасно и отворено“ и „останува верен на својата досегашна линија“ одбивајќи натамошно отпишување на долговите на Грција. „Ново отпишување на долговите би им сигнализирало на Грците, но и на сите други држави-страдалнички во еврозоната, дека можат да се откажат од секаков напор: ако ионака е јасно дека долговите кога било ќе им бидат избришани, тие во иднина веќе не би морале да вложуваат никакви напори за намалување на своите кредити или преку економско-политички реформи да се погрижат за поголем стопански пораст. Тоа би била ’карт бланш‘ за сите во Европа, кои и натаму ги сметаат за претерани критериумите од Мастрихт, за резултат на претераната германска култура на стабилност“, оценува „Зиддојче цајтунг“. Весникот сепак напоменува дека Грција во 2015 година „не ќе може едноставно да им биде препуштена на финансиските пазари“ и дека е правилно што Волфганг Шојбле ѝ навестува натамошна поддршка.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) се занимава со прашањето извлечено во поднасловот - „Зошто на Грција ни трет пакет за помош не може безусловно да ѝ помогне“. Одговорот го нуди преку оценки од студија на Јоргос Цогопулос од најпознатиот атински истражувачки институт Елиамеп: „’Трајната неспособност на политичките елити на Грција да применат структурни реформи, нивната популистичка реторика, нивниот дефицит на веродостојност, нагласувањето на политички и лични наместо национални цели и нивниот пропуст на јавноста да ѝ објаснат за недостигот од реални можности за избегнување (отсуство на алтернативи, н.з.)‘, придонесле за тоа, дека Грција не е успешна приказна, за разлика од тврдењата на водечки политичари во Атина и Берлин. Навистина на владите од 2009 година наваму им успеа значително да го намалат буџетскиот дефицит, но скорешен подем (и со тоа поврзаната цел за таканаречена способност да го носи товарот на долгот) останува утопија. (...) Додека Грција досега му се прилагодува на притисокот за конкурентност преку растечката сиромаштија на своето население, предизвикувачите на економската болест на земјата - корупцијата, бирократијата и непотизмот остануваат недопрени“.

Некоја натамошна помош за Грција би била придружена со „болни кратења на издатоците, што со извесна сигурност натамошно би ги зајакнало левите и десните работи на парламентарниот партиски спектар, кои се против реформи. Десноекстремната и насилничка партија ’Златна зора‘ (...) најдобро може да биде заслабена, ако Европа покаже поголема солидарност - читај: ако ѝ префрли повеќе пари на Грција - велат умерените грчки политичари. Но, кој знае какви Златни зори тогаш ќе осамнат во земјите-донатори?“, со прашање завршува текстот на Михаел Мартенс во ФАЦ.