1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје 2014 - и се‘ е можно?

Проектот Скопје 2014 ги зоврива верските и националните страсти. Исламската верска заедница во Македонија најавува порадикални чекори, бидејќи е игнорирано барањето за изградба на џамија на скопскиот плоштад.

default

Кавги во земјата поради проектот Скопје 2014

На адреса на македонската влада се испорачани критики за етничка и религиска нетолеранција. Исламската верска заедница во Македонија ја заострува реториката и најавува порадикални чекори, бидејќи било игнорирано барањето за изградба на џамија на скопскиот плоштад. Ислами Аваз од ИВЗ денеска уште еднаш побара измена на деталниот урбанистички план за да бидат задоволени интересите на муслиманите во Македонија.

“Очигледно повиците на многуилјадното муслиманско население во Македонија не допираат до оваа влада, која нема чуство за духовните потреби на муслиманите во Македонија“, критикува Аваз.

Иницијатива за споменици на албански херои

Проектот Скопје 2014 освен верските ги зоврива и националните страсти. Невладината “Разбуди се“ поднесе иницијатива до надлежните институции, општина Центар и Министерството за култура, во која се предвидени споменици и на албанските национални херои.

Proekt Skopje 2014

Беким Хоџа од невладината организација очекува владата позитивно да одговори на нивната иницијатива.

“Тоа што најмногу инсистираме е да биде изградена автентичната куќа на Мајка Тереза на местото на кое е спомен плочата, потоа да биде изградена Бурмали џамијата и споменик на херојот на Албанците Адем Јашари“, објаснува Хоџа од “Разбуди се“.

Темата и меѓу пратениците

Во македонскиот парламент за денеска е предвидена седница на комитетот за односи меѓу заедниците, на која треба да се расправа за тензиите што ги крена воведувањето на задолжителна настава по македонски јазик за сите првооделенци, но можно е како дополнителна точка да биде ставен и проектот Скопје 2014 како нов камен за сопнување. Утре во пет минути до 12 часот на Камениот мост ќе се одржи мирен протест. Невладините организации „Разбуди се“ од една и „Плоштад Слобода“ од друга страна ќе подигнат картонски ѕид, со кој на симболичен начин сакаат да предупредат дека урбанистичките решенија водат кон поделба, а не кон интеграција.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM