1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје урбано-рурално: да или не?

Интервју со кандидатите за градоначалник на Скопје - Коце Трајановски (кандидат на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ) и Тито Петковски (кандидат на СДСМ и НСДП)

default

Кои се плановите за развој на Скопје и од каде би можеле да најдете средства за големите инвестициски проекти што ги навестувате?

Петковски: „ Главните проекти коишто бараат ангажирање на многу пари се: изградба на енергана за рециклажа на отпадот, којшто е најголемиот проблем на Скопје и тука би споменал и некои сообраќајни решенија кои краткорочно не ангажираат многу средства, но долгорочно, некои, како што е на пример трамвајот или пробивањето на некои тунели, бараат долгорочно ангажирање средства. Тоа би можело да се направи на принцип на приватно-јавно партнерство, бидејќи Скопје не може да издвои да речеме 100 милиони евра за да гради енергана, а има странци кои нудат врз основа на заеднички вложувања, заеднички да го делат и приходот. “

Трајановски: „Кога зборуваме за економскиот развој, околу заобиколниците, индустриските зони коишто треба да ги проектираме, градот Скопје нема толку средства за да може да се реализираат овие инвестиции коишто јас сум ги предвидел во програмата или кој било друг од кандидатите за градоначалници. Капиталните инвестиции се‘ уште се во буџетот на Владата на РМ, и нормално затоа, во мојата програма е ставено „во соработка со Владата на Република Македонија“, дополнително со средства од ЕУ, нормално со добри проекти и јавно-приватно партнерство, потоа создавање обврзници и.т.н. Значи има многу можности.“

Дали во кампањата се соочивте со обичната граѓанска констатација дека Скопје е релативно валкан, нечист град?

Петковски: „Па, мислам дека тоа е сликата за градот и првиот впечаток на кој било посетител однадвор. Ние како да се соживуваме со таа средина, па многу и не го забележуваме. Очигледно е дека Скопје е валкан град, еден од највалканите градови. Сигурно дека има многу причини за тоа. Тука е и културата на граѓаните, општата култура на граѓаните, меѓутоа и неорганизираноста на јавното претпријатие и на градот.“

Трајановски: „Живеам во Скопје целиот живот. Околу тоа што на скопјани најмногу им пречи или им недостасува, на прво место убедливо е комуналната хигиена во градот. Еден од приоритетните проекти е да го направиме Скопје чист град, преку

Koce Trajanovski Mazedonien

Коце Трајановски

комунална хигиена, набавка на возила, селектирање на отпадот, подигање на јавната свест за одржување на чисто Скопје.“

Дали мислите дека финансиската децентрализација би можела да се реализира во услови, во кои метрополата може да биде заложник на финансиската самостојност на општините и евентуална опструкција од централната власт?

Трајановски: „Досега успеавме децентрализацијата да ја доведеме до едно нормално ниво, значи општините веќе да не генерираат загуби. Треба интензивно да продолжиме со развој на децентрализацијата, што значи повеќе финансиски средства за општините заради нивна поголема финансиска самостојност. Притоа, се‘ додека нема вистинска финансиска децентрализација, треба да се користат средства од Владата на РМ, нормално со добри проекти со коишто ќе ја убедиме дека за градот Скопје проектите се приоритетни. Општо мислам дека ДДВ треба да се зголеми од 3 на 6 проценти, персоналниот данок од три на триесет проценти, градежното земјиште да биде управувано од општините и сето тоа да им даде една поголема финансиска самостојност на општините.“

Петковски: „Скопје е заложник на централната власт, бидејќи Македонија останува меѓу земјите од регионот, да не говорам пошироко, како најцентрализирана земја. Владата не се откажува од изворите на сопствените приходи за полнење на буџетот, а општините се се‘ посиромашни. Но, мислам дека во втората фаза од децентрализацијата, веќе на почетокот очекувам со измена на законот за данокот на имот и законот за градежно земјиште, дека поголем дел од приходите ќе и‘ се остават на општината.“

Колку е остварлива идејата за нови територијални граници на Скопје, без приградските и руралните општини и населби?

Петковски: „Дефинитивно станува јасно дека Скопје не може да биде урбано-рурален град. Или ќе биде метропола, град со сите содржини, или едноставно мора нешто да се менува. Мислам дека законот што го предлага постојниот градоначалник за измена и дополнување на законот за град Скопје, со што би се дефинирале урбаните граници, ќе значи добивка и за урбаниот дел на градот и за руралниот. Руралниот дел ќе биде во околината на Скопје,

Tito Petkovski Mazedonien

Тито Петковски

Трајановски: „Јас не ја поддржувам идејата за нова територијална организација на градот Скопје, особено во момент кога сме пред локални избори, кога ги бараме гласовите на граѓаните кои сега живеат во градот Скопје, со постојната територијална организација. Треба да се обидеме со ваквата територијална организација, со добро менаџирање и посветено работење, да видиме што можеме да направиме, а не за нашите неуспеси да ни‘ е виновна или владата, или територијалната организација. Нормално е дека натаму треба да се размислува како се‘ поефикасно да функционира, но сепак мислам дека Скопје треба да остане со ваква територијална организација.“

Дали градот и натаму ќе функционира на принципот на „ лев и десен брег“, без да се освежуваат идеите за мултиконфесионалноста, мултиетничноста и интегрираноста на метрополата?

Петковски: „Ако сакаме Скопје да биде мултиетнички град, мислам дека ќе биде потребно да се градат многу повеќе културни содржини, коишто ќе ги спојуваат луѓето. На пример, Турската чаршија која сите ја спомнуваат. Имено, нејзината ревитализација треба да биде во функција на тоа чаршијата да биде заедничко пријатно место за луѓето од различна етничка и религиозна припадност. Мислам дека ќе биде реализиран концептот заеднички живот на граѓаните на Скопје.“

Трајановски: „Јас доаѓам од левата страна на Скопје. Цел живот живеам на левата страна, во општина Гази Баба. Мислам дека многу позитивно за левата страна е тоа што се гради обиколницата. Таа ќе придонесе за засилен развој на градот Скопје. Таму сега ќе започнат да се градат индустриски објекти. Впрочем, луѓето се движат таму кадешто има добри сообраќајници и таму кадешто има работа. Еден од моите приоритети е уредувањето на левата страна на реката Вардар и на тврдината Кале. Потоа ќе биде реставрирана и популаризирана Скопската чаршија, а ќе почнеме и со изградба на фекална канализација на левата страна како и на сообраќајници со кои граѓаните ќе можат лесно и брзо да доаѓаат во центарот на Скопје. Значи, ние мораме да направиме условите за живот на граѓаните на левата страна да се изедначат со оние на десната страна.“

Господине Трајановски што мислите за проектите на вашиот ривал во вториот круг, господинот Тито Петковски?

Трајановски: „Јас навистина не би сакал да коментирам. Но, покрај тоа да се има програми и проекти, важно е да се има искуство во таа област, во менаџирањето на локалната самоуправа затоа што таа е малку поразлична од парламентот. Во парламентот можете да дојдете на седница или да не дојдете, но како градоначалник мора секој ден да донесувате одлуки и да им ги решавате проблемите на граѓаните. Значи, треба да бидете посветени на тоа.“

Што Вие господине Петковски мислите за проектите на ривалот Трајановски?

Петковски: „Тоа се проекти на владеачката партија, кои сега ги промовира господинот Трајановски. Се виде и дека многу проекти беа карикатурални. Меѓутоа, Скопје е крупен залак и тој тешко ќе може да излезе од скутот на Груевски, и, за жал, ќе биде само продолжена рака на премиерот. А, се виде какви се апетитите на Груевски и како тој сака да го уреди центарот на Скопје и како тој сака да управува со главниот град.“

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска


еден од значајните ресурси за снабдување на Скопје со храна, а урбаниот дел би можел да се развива многу побргу.“