1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Скопје се претвора во големо кино на 10-от „Синедејс“

„Кремот“ на најновата европска филмска продукција, најактуелните и најнаградувани филмови во изминатата година, ќе го одбележат јубилејното издание на „Синедејс“ од денеска (10.11) до 20. ноември.

default

Скопје

Во текот на 10-те фестивалски денови „Синедејс“ ветува 70-тина филмови во десет фестивалски програми, во сите пет кино простори во Скопје: „Милениум“, „Фросина“, „Рамстор“ и Кинотеката на Македонија, а новина ќе бидат и проекциите под отворено небо на големо платно што ќе биде поставено на градскиот плоштад „Македонија“.

„Амбициозен и сериозен потфат“, вели Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар.

Гала програма - ниту еден филм не е случајно одбран

„Ќе имаме континуирана, набиена, цврста програма. Навистина не знам кој фестивал во блиското опкружување може да си дозволи такво нешто, финансиски и организациски. Истовремено, сето тоа подразбира не само официјална програма, туку и сите придружни содржини кои се дел од еден фестивал - работилниците, предавањата,к онцертите и забавите. Во гала програмата нема ниту еден филм кој случајно е одбран.“

Фестивалот ќе го отвори данско-шведската копродукција „Во подобар свет“ на режисерката Сузан Биер, награден со Оскар. Организаторот верува дека седумнаесетте гала премиери ќе го донесат „сјајот“ на јубилејниот Синедејс . Скопската публика ќе ужива во најдобрите европски остварувања на филмски

Skopje Zentrum

Проекции на филмови се предвидени и на плоштадот Македонија

творци и авторитети како Педро Алмодовар, култниот Ларс фон Трир, годинашниот лауреат од Венецискиот филмски фестивал, Александер Сокуров, оригиналниот Вуди Ален, Аки Каурисмаки, Дејвид Кроненберг, големиот Нани Морети, браќата Дарден, Нури Билге Џејлан и други.

Бела Тар, Менахем Голан, Лазар Ристовски... во Скопје!

Ексклузивен гостин ќе биде унгарскиот режисер Бела Тар, кој лично ќе го претстави своето остварување, „Торинскиот коњ“, добитник на наградата „Сребрена мечка“ на 61. Берлински филмски фестивал. Стотина гости, режисери, актери и продуценти ќе бидат дел од „Синедејс“- големиот српски актер Лазар Ристовски, актерот Никола Којо и словенечкиот режисер Андреј Кошак со филмот „Состојба на шок“ , а во Скопје ќе дојдат и двајца актери од последното остварување на Педро Алмодовар „Кожата во која живеам“- филмот на затворањето на фестивалот.

Се очекува еден од најголемите филмски холивудски продуценти, 82-годишниот Менахем Голан, продуцент на над 200 филмови, косопственик на „Голан Глобус Продакшн“, човекот кој ги создаде урбаните филмски херои Кобра, Рамбо, ги работеше „Супермен 4“, „Капетан Америка“, продуцираше високобуџетски продукции со актерите Силвестер Сталоне, Чак Норис, Шон Конери, Чарлс Бронсон. Голан ќе одржи предавање на тема „Разликите меѓу европскиот и холивудскиот филм.“

Во соработка со Филмскиот фонд на Македонија, една од водечките организации за организирање тренинзи за продуценти во Европа, ЕАВЕ, ќе одржи работилница, а директорот Златко Стевковски верува дека тоа е вистинското место за инспирација и нова енергија на идните македонски филмаџии.

Ungarn Regisseur Bela Tarr

Унгарскиот режисер Бела Тар е годинешен специјален гостин на „Синедејс“

„Нашата целна група, односно публиката кон која пледираме, се младите автори, идните сценаристи, режисери и актери и сметаме дека тие треба да бидат главната движечка сила на овој фестивал.“

Филмови низ цел град, Скопје - големо кино!

Во официјалната конкуренција се дванаесет филмови, „најквалитетните европски филмови што годинава дадоа печат на светската кинематографија“, вели Стевковски. Селекцијата ја направи Бернд Будер, селектор на фестивалот во Котбус и на програмата „Форум“ на „Берлинале“. Филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „Златна ѕвезда“- за најдобар филм; „Сребрена ѕвезда“- за најдобар режисер, „Сина ѕвезда“- за најдобро сценарио и „Златно сонце“- награда за најдобар балкански филм. Жирито го сочинуваат: хрватскиот режисер Огњен Цвиличиќ, филмскиот критичар Нил Јанг од Велика Британија и македонскиот режисер Дарјан Пејовски.

„Освежување“ на „Синедејс“ се и програмите „Сине Балкан“ и „Земја во фокусот“, каде ќе бидат претставени кинематографиите на Словенија и Грузија. Програмата „Македонија и Европа“ содржи ексклузивни македонски премиери на остварувања на македонски актери и продуценти кои работеле на филмски проекти вон границите на Македонија.

Wim Wenders auf der Berlinale 2011

Прочуениот германски режисер Вим Вендерс, гостин на наредниот фестивал „Синедејс“

Во духот на јубилејот, Скопје ќе биде претворено во големо кино, па филмови ќе се прикажуваат и во повеќе скопски кафулиња и клубови.

Годинава греење, а следната година - дигитализација, 3Д кино и Вим Вендерс!

Се очекува одлична посетеност и распродадени билети. И за среќа, публиката веќе нема да се смрзнува во киното „Фросина.“

„За првпат оваа година повторно ќе биде топло. Заврши тендерот и конечно нема да се смрзнуваме додека ги гледаме европските филмови во ’Фросина’. Искрено се надевам дека ќе имаме полни сала. Минатата година на ’Синедејс’ имавме 7 пати повеќе публика од 2009 година, податок од продадените билети за проекциите. Цената на билетот е популарна и привлечна - едно и пол евро. Со години наназад скопската публика има неверојатно истенчен, строг и префинет вкус.“

Годинава греење, а веќе следната година киното „Фросина“ влегува во дигитализација. Постапката е во тек, па 11-тото издание на „Синедејс“ ќе добие нов квалитет. Исто така, деновиве киното „Милениум“ и германската компанија „Кинотон“ го потпишуваат договорот за опремување на 3Д кино“, изјави за ДВ директорот Стевковски. „Синедејс“ има амбиција да прерасне во голем фестивал, па освен новите програми, уште отсега го најавуваат гостувањето на славниот германски режисер Вим Вендерс на 11-тото издание на „Синедејс“.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска