1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје се гуши од микро честички и макро неодговорност

Интерсекторска работна група (ИРГ) дефинираше препораки, краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот, а се очекува за нив да се расправа на денешната седница на Владата

Скопје е на нозе. Граѓаните бараат начин како да го урнат големиот воздушен „споменик“ од висока концентрација на штетни микрочестички кој лебди над градот и не им дозволува да отворат прозоци, да проветрат и да излезат надвор, без тоа да предизвика последици за нивното здравје. Проблемот не е нов, но сега е вклучен алармот. Иако законската регулатива е донесена во 2005 година, поради економската криза од 2008 година, Владата до април 2014 го одложи рокот во кој компаниите требаше да ги имплементираат стандардите за добивање интегрирана еколошка дозвола. Така, компаниите од металуршката и други индустрии кои се и најголеми загадувачи на околината, ја искористија оваа антикризна мерка за ги насочат инвестициите исклучиво кон сопственото производство. И кога се надеваа дека нивната обврска повторно ќе биде одложена, шест месеци пред истекот на тој рок Владата најави дека сите мора да ги исполнат условите за добивање интегрирана еколошка дозвола до крајот на април 2014 година. Сега компаниите се во сендвич меѓу краткиот рок за да ја исполнат долго одложуваната обврска и можноста да добијат клуч на вратата.

Mazedonien - Land und Leute

Економијата над екологијата

Аргументите дека металургијата учествува со 7,5% во вкупниот БДП на Македонија, со 11% во додадената вредност во индустријата, со 35% во извозот и со 15% во бројот на вработени во индустријата - денес не ја добиваат наклонетоста на граѓаните кои бараат право на чист, незагаден воздух. Лилјана Поповска, претседателка на владејачката партија на зелените, ДОМ, вели дека до овој степен на загадување се дојде затоа што економијата се стави над екологијата, наместо да одат рака под рака.

„Под децениски притисок на економски проблеми и невработеност, во Македонија беше најважно да се отвори фабрика и да се работи под било какви услови. Нека чури оџакот! Имавме ниска еколошка свест, повеќе развиена за хигиена, но не и за грижа за животната средина. Потоа дојдоа финансиските кризи и уште повеќе се поларизираа поимите: се тврдеше дека во сиромаштија мораме да избереме работа или здравје. Тоа е лажна дилема. Ни треба и работа и здравје. Какво е фајдето од заработените пари, ако ги потрошиме на лекување на болеста што притоа сме ја добиле“, вели Поповска.

Таа потсетува дека има многу начини за економски развој без загадувачка индустрија: преработувачки капацитети, информатичка технологија, екотуризам, производство на здрава храна, промоција на културни вредности.

„ДОМ водеше кампања и против продолжување на рокот на еколошко прилагодување на големите загадувачи, кои бараа уште 5 години, а не сакаа да вложат во опрема дури ни во време на големи добивки на берзите на метали. Оние загадувачи што работат со профит, треба да одвојат 1% за еколошко прилагодување и здравје. Но, на оние што не се во добра кондиција, а се важни за регионот, како 'Југохром', им треба помош од државата, преку гаранции за пристап до ЕУ фондови или поволни кредити за еколошко прилагодување“, укажува Поповска.

Но, тука се и помалите загадувачи, кои ги има во голем број и добиваат дозволи од општините. Ним ДОМ им посвети трибина со наслов „Тивките загадувачи најгласно загадуваат“.

Mazedonien Land und Leute Skopje

Загадувањето има многу лица

Неделава треба да почнат да работат два мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, со што за првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот. Апаратите ќе бидат поставувани на т.н. „критични“ точки, каде изминатите денови концентрацијата на штетни материи во воздухот беѓе над дозволените граници, дури и до 18 пати. Но, прашање е што ќе утврдат тие, со оглед дека поголемите загадувачи како „Макстил“, „Скопски легури“ и други капацитети во кругот на Железарница, не работат од 28 ноември. Другите големи капацитети, според надлежните, ги исполнуваат еколошките стандарди, а Клиничкиот центар и некои други институции кои досега користеа мазут, сега се греат на гас. Акцентот ќе биде ставен на штетните емисиите во воздухот од затоплувањето на домовите, градежништвото и сообраќајот. Барањето евтин начин да се затопли домот ги принудува граѓаните се' почесто да користат печките на дрва, нафта или јаглен, а на оџаците на куќите нема филтри. Градежните работи кои се во експанзија, особено во Скопје, се еден од најголемите емитери на прашина во воздухот, а во петте најголеми аерозагадувачи спаѓа и сообраќајот. Според податоците на МВР, ажурирани во ноември, во Македонија има 400.000 возила - патнички, товарни и автобуси, од кои повеќе од една третина се регистрирани во Скопје - 151.000 возила. Ако на тоа се додаде бројот на возила кои од други градови кои секојдневно флуктуираат низ главниот град, може да се дојде до заклучок дека на секои три жители им „припаѓа“ по еден автомобилски ауспух. Секојдневниот сообраќаен метеж покажува дека скопјани не се откажуваат од своите возила дури и во денови кога концентрацијата на штетни честички во воздухот повеќекратно ја надминуваат максимално дозволената концентрација. На загадувањето, особено во зимскиот период влијаат и климатските услови, особено појавата на магла, која го спречува нормалниот проток на воздух. Лекарите предупредуваат дека аерозагадувањето е една од основните причини за појава на хроничните, но и потешки болести.

Öffentlicher Verkehr in Skopje

„Треба да се спомне и инциденцата на белодробниот карцином, која кај нас е сѐ уште во нагорна линија, за разлика од поразвиените земји. Се појавуваат форми на белодробен карцином што не се поврзани со пушењето, како што е аденокарциномот предизвикан од ареозагадувањето и јонизирачкото зрачење“, велат пулмолозите.

Спектар од мерки за заштита

Загадувањето на воздухот во Скопје се очекува да биде една од точките на денешната владина седница. Стево Темелковски, заменик - министер во ресорот животна средина и просторно планирање, вели дека министерството подготвило Извештај за мерењата на квалитетот на воздухот за 2013 година.

„Од податоците е согледано дека има покачување на концентрациите на суспендирани честици со големина до 10 микрометри (PM10) над граничната вредност, која почесто се забележува во Скопје. Бидејќи заштитата и подобрувањето на квалитетот на амбиентниот воздух бара интегриран пристап, формирана е Интерсекторската работна група (ИРГ) за квалитет на воздухот кoja дефинираше препораки, краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки“, вели Темелковски.

Mazedonien Land und Leute

Списокот е долг. Дел од краткорочните мерки кои треба да се преземат во случај на надминување на концентрација од 100 микрограми на метар кубен во 10 последователни дена, се: користење на заобиколница за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, можност за воведување на пар-непар за патнички возила или пренасочување на сообраќајот по споредни улици, дотур на стока по 18 часот, зголемен инспекциски надзор на индустриските капацитети, намалување на цената на билетот на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови, зголемена фрекфенција на автобуси на ЈСП на сите дестинации... Во среднорочни мерки спаѓа изработката на Оперативна програма за намалување на загадувањето на воздухот, гасификација на сите топлани, воведување алтернативен градски превоз (трамвај, метро), користење хибридни превозни средства (автомобили на биогас, на електрична енергија) и бенефиции за сопствениците на такви возила. Краткорочните и среднорочните мерки мерки се доставени до Комитетот за животна средина и здравје и распределени по институции за нивно понатамошно спроведување. Долгорочните мерки предвидуваат воведување обновливи извори на енергија, рехабилитација и изградба на хидроцентрали, производство на соларна и ветерна енергија, гасификација на Скопје, транспортни средства со повисоки ЕУРО стандарди, укинување на одлуката на Владата за увоз на стари возила со еуро 1 и 2, и рапределба на сообраќајот со тешки камиони по автопати кои не се близу населени места, што значи изградба на заобиколници таму каде што е можно.

Стандарите мора да се применат

Д-р Пеце Недановски, професор по Еколошки менаџмент на Економскиот факултет на УКИМ, вели дека ниското ниво на развиеност на македонската економија, структурните дисторзии, високиот екстерен дефицит, нерамнотежата на релација труд-капитал, беа и сè уште се само дел од проблемите кои во овој период се чинеа поакутни во однос на проблемот со загадување на животната средина.

Skopje, die Hauptstadt Mazedoniens.

„Но, ако се подлегне под бремето на тековните проблеми, во правец на ‘резервирање’ на решавањето на проблемот на загадување за некои идни времиња, неповратно се испушта можноста за остварување еколошки прифатлив цивилизациски тренд. Занемарувањето на еколошката димензија ќе резултира во крајно неповолна состојба: сиромашно општество со многу загадена животна средина. Во Македонија, со оглед на нејзината институционализирана ориентација кон ЕУ, дилемата е како економските субјекти кои сè уште не ги почувствувале ваквите сигнали, да се наведат на тоа. Единствено решение е преземање на еколошките трошоци и ризици од страна на нивните извори. Повеќе не е одржлива состојбата во која економските субјекти без оглед на тоа дали се мали или големи фирми, домаќинства или поединци, ќе можат да пренесат дел од своите трошоци на товар на општеството. На економијата навистина ѝ е потребен одреден преоден период за надминување на консеквенциите од претходниот кризен период, но тоа не значи и бесконечност, ниту пак релативизирање на еколошките стандарди во смисла на нивно ублажување“, вели Недановски.

Во меѓувреме секојдневно расте бројот на граѓани кои се потпишуваат на интернет-петицијата до премиерот, против загадувањето во скопските населби Аеродром и Гази Баба. Тие бараат надлежните без одолговлекување да преземат итна акција и да не дозволат Скопје да стане втор Велес според загадувањето.