1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје воздржано по изборите во Грција и Франција

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска воздржано го коментираше исходот од изборите во Франција и во Грција. Од Атина очекува волја за изнаоѓање решение за спорот за името

Очекувам дека новата грчка влада ќе има желба и волја за решавање и надминување на спорот со името, изјави македонскиот премиер Никола Груевски. Тој се надева на напредок во разговорите во спорот со името, по, како што оцени, една година замрзнати разговори.

„Она што сега можам да го кажам е дека по завршувањето на изборите и по формирањето на влада во Грција, очекувам дека новата влада ќе има желба и волја за решавање и надминување на ова прашање. Ние сме подготвени да се најде решение, ние сакаме да се најде решение. Дали ќе се најде ќе зависи во голема мера од тоа дали ќе има волја кај грчката страна за изнаоѓање решение, односно кај новата грчка влада. Се надевам дека ќе има“, изјави Груевски.

Во однос на изборот на Оланд и очекувањата од политиката на официјален Париз кон Македонија, Груевски се воздржа од коментар се’ додека, како што рече, Оланд и неговата администрација не се произнесат по однос на грчката блокада за членството на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Не би прејудицирал некаков конкретен одговор. Таму имаме нова ситуација, имаме победа на нов претседател. Се додека тој и неговата нова администрација самостојно не ги искажат своите ставови во однос на Македонија, особено, на прашањето поврзано со грчката блокада за членство во НАТО и ЕУ, дотогаш би се воздржал од било какви коментари“, изјави Груевски.

Претседателот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски, денеска упати честитка до Франсоа Оланд во која изразува надеж дека односите меѓу двете земји ќе се интензивираат.
„Вашиот избор за претседател претставува силна порака за Европа. Порака за многу европски престолнини, можност за праведен живот, рамнотежа помеѓу строгите мерки за штедење и европскиот раст и новите работни места. Можност за средната класа и младите“, вели Црвенковски во честитката.