1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Скопје внимателно чека епилог од изборите во соседството

Без оглед кој ќе владее во Белград и во Атина не се очекуваат позначајни промени во односите на Македонија со двете соседни земји.

default

Скопје

Шести мај е значаен датум за регионот ако се има предвид дека во две од најголемите балкански земји се одржуваат избори. Грција и Србија одлучуваат за својата иднина во наредните неколку години. Со оглед на тоа што двете земји се најблиски соседи на Македонија, Дојче Веле анализира дали и во колкава мера исходот на изборите ќе влијае врз односите на Скојпе со Атина и Белград. Македонија има интензивни политички и економски односи со Србија и со Грција. За жал постојат и отворени прашања со првите соседи. Аналитичарите не очекуваат позначајни промени во соседските релации без оглед на тоа кој ќе владее во Атина и во Белград.

Кој и да победи во Грција нема да го чепка спорот за името

Во Грција е се поизвесна победата на Неа Демократија но тоа не менува ништо во однос на темата на која се базира односот на Македонија со јужниот сосед. Прашањето за името и натаму ќе ги обременува македонско грчките односи без оглед на тоа која партија ќе победи на изборите в недела. Никос Франгопулос е новинар кој подолго време живее и работи во Скопје. Во изјава за Дојче Веле предвидува дека спорот за името нема да се реши во догледно време.

Griechenland Lucas Papademos

Кој ќе го наследи Лукас Пападимос на премиерската функција во Грција

„Не очекувам да се смени нешто во врска со прашањето за името по изборите во Грција со оглед на тоа што во претходниот период немаше никакво приближување во ставовите на двете страни. Новата грчка влада што ќе се формира по изборите ќе биде фокусирана на последиците од економската криза. Според сите прогнози на изборите ќе победи Неа Демократија на Андонис Самарас, но нема да има мнозинство да формира влада. Прашање е дали ќе се формира коалициска влада или ќе има нови избори. Во таков политички амбиент ниту една партија нема да го отвори прашањето за името во наредниот период. Не гледам можност за пресврт, за интензивни преговори со кои се дошло до решение“, објаснува Франгопулос.

Односите со Србија коректни, проблем национализмот

Односите со северниот сосед се дефинираат како добрососедски и пријателски и во основа не постојат посериозни недоразбирања ако за меѓудржавен проблем не се смета црковното прашање. Политиката прави обид да им асистира на двете цркви но проблемот е многу подлабок од декларативните заложби на актуелните државници. Без оглед на епилогот од гласањето во недела, не треба да се очекуваат значајни промени во курсот на Белград кон Македонија, смета новинарката Лилјана Јаковлевска, долгогодишен дописник од Белград. Според неа двете водечки партии или коалиции кои водат мртва трка не се разликуваат драстично во однос на регионалната политика.

„Според мене клучно прашање е дали на овие избори ќе биде поразен српскиот национализам, кој е многу жив и инсталиран во сите институции во Србија и со тоа стануваат заложници партиите на власт бидејќи кокетираат со екстремната десница. Ако биде поразен национализмот, односно ако кој и да победи во Белград се откаже од таа 200 годишна тенденција за создавање на етничко единство на Србите, од тоа ќе зависат и релациите меѓу Белград и според Белград отворените прашања во Република Српска, северно Косово и во тој комплекс за жал и со наша помош е вметната како дел од проблемот и Македонија. Јас би сакала и искрено се надевам дека под притисок на меѓународната заедница и доколку Србија навистина искрено се залага за европската агенда на Белград, дека ќе мора полека да ја напушта таа политика со оглед на ставот на Вашингтон и на Европа во однос на границите на Балканот и воопшто состојбите на Балканот“.

Официјално Скопје не сака да се впуша во коментари и анализи пред изборите во соседството. Веројатно реакциите ќе бидат испратени кога ќе бидат познати резултатите во вид на честитки до победниците.