1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Скијачки центар на продажба

Во покраината Алгој на југот на Германија се продава скијачка патека долга 20 километри, неколку ски лифта и една жичница. Семејството Принцинг од Ретенберг бара инвеститори.

Андреас Принцинг е во посета на својот ски-центар, за кој има големи планови. А бидејќи за нивна реализација се потребни многу пари, тој е во потрага по купувач. „Не можеме едноставно да дадеме оглас, туку се обидуваме да се рекламираме така што бараме инвеститор кој ќе ни помогне во реализација на проектот со име Гринтен 2020.“
Купувачот ќе го добие функционалниот ски-центар Гринтенлифте со патека долга 20 километри, жичарница - двосед и 7 ски-лифта кои се протегаат на планината Гринтен до висина од 1.700 метри. Го основал дедото на Андреас кон крајот на 50-тите години од минатиот век.
„Замислете, скијачкиот центар е во семејна сопственост веќе 3 генерации, од 1959. година. Многу работи доживеавме тука. Тука го поминавме целиот живот. Но кога ќе станете свесни дека веќе сами не можете да ги покривате високите давачки, немате друг избор освен да го отворите за инвеститори.“, раскажува Андреас Принцинг.
Заедно со една проектантска канцеларија, фирмата изработи бизнис план со кој ски-центарот на планината Гринтен ќе го оспособи за во иднина. Таму каде што сега има жичарница-двосед ќе има модерна жичарница со кабини, а во план се и адреналински парк и шини за летно санкање кои гостите ќе ги мами и на лето. Инвеститорот ќе мора да вложи 25 милиони евра. Градоначалникот на Ретенберг Оливер Кунц го поддржува семејството Принцинг. „Генерално мора да се каже дека многу партнерски соработуваме во овој проект и оти интензивно разменуваме информации. Се надеваме дека ова трајно ќе го зајакне туризмот во нашиот крај, во кој и зимскиот и летниот туризам се дел од традицијата и историјата. Секако, се надеваме дека ски-центарот на Гринтен ќе биде прифатлив за околината и оти подеднакво ќе им одговара и на локалното население и на гостите.“
Ски-центарот е отворено и додека трае потрагата по инвеститор, вели Андреас Принцинг: „Се надеваме оти со проектот Гринтен 2020. сегашните 100 работни дена во зимскиот период ќе ги продолжиме на 300 дена во годината и дека ќе најдеме инвеститор кој ќе ужива во оваа работа.“
Концептот е тука, а семејството Принцинг сега треба да почне со маркетинг офанзива за да го привлече вниманието на потенцијалните инвеститори.