1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Скепса пред разговорите со Иран

ЕУ покренува нова иницијатива за продолжување на т.н. шестпартитни разговори околу нуклеарниот спор со Иран. Предлогот во Брисел го даде шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон.

На разговорите учество ќе земат Кина, Франција, Велика Британија, Русија, САД и Германија. Во меѓувреме, Иран понуди да даде пристап на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија до воениот објект Паршин.

Од пред една година врските меѓу Техеран и Брисел се во прекин. Спорот за нуклеарната програма во овој временски период го достигна врвот. Иранското раководство објави дека постигнало напредок во својата нуклеарна програма. ЕУ воведе санкции, а во меѓувреме израелската влада објави дека веќе не исклучува воен напад против Иран. Сега е потребен нов почеток на разговорите, рече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле:

„Ние веруваме дека дипломатско и политичко решение е можно, ако Иран е подготвен да се врати на суштински и сериозни политички разговори“, рече министерот Вестервеле.

ЕУ се надева на сериозност на иранското раководство

Но, токму тоа е и прашањето, бидејќи иранското раководство премногу често играше со време. Тоа не ги пушти во земјата инспекторите за атомска енергија и со воодушевување му ги претставуваше на светот новите нуклеарни централи. Така, иранското раководство не само што оставаше да пропадне секој разговор и беше се’ помалку заинтересирано за компромис, туку постави и свои услови. На шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон и’ останува само надежта дека сега ќе биде поинаку. Но, сепак кај неа постои скепса.

Iranische Atomanlage mit Flagge

Новите преговори со Иран треба да започнат пред крајот на март

„Се надеваме дека сега ќе почнеме одржлив конструктивен дијалог со Иран, во кој ќе ја изразиме загриженоста на меѓународната заедница за нуклеарната програма. Во текот на следните неколку денови ќе одлучиме за датумите и местото на средбата“, изјави Ештон.

Додека ЕУ и САД, и покрај сомневањата, се’ уште веруваат во дипломатско решение, израелската влада во минатите недели нагласуваше дека е подготвена за воен напад, ако Техеран не попушти. Засега е нејасно дали овие закани можат да влијаат на разговорите. Тие би можеле да го отежнат дијалогот, но исто така би можеле и да го зголемат притисокот за постигнување успех за сите вклучени страни. Во секој случај, Гидо Вестервеле предупреди од можно пропаѓање на разговорите и од атомско вооружување на Иран:

„Тоа не само што би било голема закана за безбедносната ситуација во регионот, туку би било значајно дестабилизирање на меѓународната безбедносна архитектура. Со тоа би започнала трка за нуклеарно вооружување во многу опасна ситуација и во многу кревок регион", рече Вестервеле.

Новите преговори со Иран треба да започнат пред крајот на март. Никој не очекува брз пробив на првиот состанок. Но, ЕУ очекува што е можно поскоро сигнал до иранското раководство дека овојпат тоа е навистина сериозно во врска со разговорите.

Автор: Леон Штебе / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска