1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Скара „де лукс“ на „Академија за скара“

Германците ја разбиваат монотонијата на печење колбаси и месо преку курсеви на т.н „Академија за скара“ во Ингелхајм кај Франкфурт, но и на 13 други локации, каде подучуваат искусни специјалисти за скара.

Стек Небраска и фритата со грашок. Хамбургер со сушени домати и кромид. Филе шкотски лосос со глазура од шумско овошје. Ова е она што обично се наоѓа на просечна германска скара. 20 учесници на курсот, 19 мажи и една жена, сакаат на „Академијата за скара“ да го прошират својот кулинарски хоризонт.

„Печењето скара ми е хоби. Готвам речиси се‘. Мислам дека овде многу ќе научам“, вели еден курсист, другите дополнуваат:

„Се работи за тоа сите заеднички да се забавуваме“.

„Дали станува збор за колбаси, стек или лосос на пример, радо сето тоа би го пробал и дома“.

Во поранешниот манастир во јужногерманското гратче Ингелхајм готвачот Барт Мус ја води т.н. „Академија за скара“. Девизата е: главна е техниката. Независно дали скарата е на јаглен, на гас или електрична, овде најчесто не се готви на директен оган. Притоа, секогаш се готви со затворен капак, така храната поздравo, побрзо и порамномерно се пече и готви. За посебен вкус се употребуваат мали трикови, ккао што истакнува Барт Мус, готваќ, мајстор за скара од Белгија:

„Ова се штици од кедар кои претходно ги потопивме во вода и на нив може да се чади храна. Значи, она што ќе го ставиме на нив, ќе поприми миризба на пушено“.

Денешното мени од пет јадења почнува со хот-дог со балзамико киселина и црно вино. На курсистите кои знаат само за колбаси со сенф или свински котлети, им се отвораат нови светови на вкусот. Тие учат дека и на лошо време, може добро да се прави скара и дека најважна е подготовката. Мајсторот за скара, готвачот Арон Гутфлајш објаснува:

„Не морам да стојам покрај скарата од почеток до крај, туку можам и да ги забавувам гостите. Ако претходно добро размислам, помалку време ќе стојам покрај скарата, а повеќе со гостите. Така повеќе ќе се забавувам и можам да бидам добар домаќин, а не само некој кој цела вечер стои покрај скарата и се поти“.

Искусните хоби-скараџии и без тоа се потат се‘ помалку, зашто опремата е таква што со неа полесно се ракува. Во специјализираните продавници, како овде во Мајнц, покрај луксузни скари има секаков прибор: од кујнски клешти до книги со рецепти. Меѓу нив се и бестселери, како Веберовата библија за скара, која во Германија досега е продадена во над 500 илјади примероци. Најмногу пари купувачите трошат на скара, дури и до неколку илјади евра за некои модели. Скарата е нов статусен симбол, открива продавачаот Дитер Бем:

„Слично како што беше порано со автомобилот, гледавте дека соседот купил нов автомобил, така денес ви паѓа в очи - купил скапа скара. Вие, се разбира, не сакате да останете покусо, сакате да држите чекор и да имате иста таква“.

Назад во „Академијата за скара“ на Барт Мус: за него и неговиот колега Арон Гутфлајш готвењето на отворено почнува уште со купувањето. Нивната филозофија е: за успешна скара не треба да се отиде само кај месарот. Голема е разноликоста на храната што може да се подготви на скара.

„Така да се каже, се‘ може да се пече на скара. Она што го подготвувате во кујната, можете да го преместите и надвор на скара. Единствено што не се прави на скара се тестенини. Но, од останатото, правам се‘. Колачи, леб, месо, зеленчук, риба, се‘ што ќе ви падне на памет“, вели готвачот Мус.

Кај овој готвач со белгиско потекло, на жар доаѓа дури и сладолед: за десерт курсистите подготвуваат печени ледени бомбици. Ладното јадро прво се прекрива со пена од белки, а потоа накратко се пече.

Со десертот завршува и курсот, докажувајќи дека правењето скара може да биде многу повеќе од колбаси, стек и компир-салата.