1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Скапа лекомисленост или грев со предумисла?

Работнички, македонскиот фудбалски хит во текот на летото, се соочува со голема допинг-афера. Кај фудбалерите Дино Најдоски и Мики Петровиќ пронајден е недозволен стимуланс.

default

Каква казна ќе добие Работнички за меѓународните натпревари?

Тестот извршен врз фудбалерите Дино Најдоски и Мики Петровиќ, кои биле подложени на допинг-контрола по натпреварот против Лацио од Лигата на Европа, покажал присуство на недозволен стимуланс. За деталите зборува Ненад Монев, тим-менаџерот на Работнички. „По случаен избор беа извлечени нашите фудбалери Дино Најдоски и Мики Петровиќ, за да бидат тестирани на допинг тест. Морам да кажам дека бевме максимално шокирани и запрепастени од информацијата што ја добивме.“

Лекарскиот тим под сомневање

Според првите чекори превземени од страна на клубот, одговорноста се лоцира кај тимот од медицински лица во Работнички.

„По сугестија и препораки на УЕФА моментално е суспендиран лекарскиот тим на Работнички, составен од докторот Михајло Ивановски и тројцата физиотерапевти. Сега работата во клубот ја врши докторот од младинскиот тим“, вели Монев.

Goran Petrevski Fußballtrainer Mazedonien

Тренерот на ФК Работнички, Горан Петревски

Доктор Зоран Ханџиски е претседател на комисијата за анти-допинг контрола на Македонија. За стимулансот кој е пронајден кај двајцата фудбалери тој вели:

„Станува збор за метилхексамин-стимуланс кој делува врз централниот нервен систем. Минатите години беше откриен во т.н. додатоци на исхрана-суплементи, поточно во еден производ кој што се вика Џек 3Д.“  

Одраз на општата состојба

На прашањето каде треба да се лоцира вината за овој допинг-скандал, доктор Ханџиски е јасен. Ова е одраз на состојбите во македонскиот спорт, на непрофесионалноста, на неорганизираноста, на големата неедуцираност.

„Ќе почнам од почеток! Масер, односно физиотерапевт доаѓа до дилер, односно продавач на суплементи. Му вели дај ни нешто. Тој дилер соработува со Работнички и им дава супстанца, за која претпоставувам дека многу добро знаел за што станува збор. Првото мое прашање е: кој му дозволил да ги продава овие средства? Бидејќи доколку и обичен рекреативец ја конзумира оваа сустанца, а во позадина има некое заболување, може да предизвика големи последици. Второто мое прашање е: кој му дозволил на масер да зема суплементи и додатоци кога тие воопшто не се обучени и едуцирани за тоа? 

Zoran Handziski Arzt Mitglied der Anti-Doping-Komission in Mazedonien

Зоран Ханџиски од Анти-допинг комисијата на Македонија

Моите информации велат дека во ФК Работнички тојцата масери биле задолжени за тоа. Ако одиме понатаму, како е можно тие да бидат задолжени? Што прави лекарот? Очигледно лекарот не бил одговорен за оваа работа, иако мора да биде одговорен! Следното прашање е дали тренерот знаел и на кој начин менаџерот и сопственикот ги поставуваат работите во клубот? Значи овој случај, од почеток до крај, комплетно, убаво, експлицитно и многу јасно ги покажува сите аномалии во нашиот спорт.“

Последиците неизвесни

За  можните консеквенци по играчите и клубот, доктор  Зоран Ханџиски вели дека во моментов е неблагодарно да се зборува. Може да се прават само претпоставки.

„Мислам дека двајвцата играчи сигурно ќе се соочат со казна. Не можам да претпоставувам колкава ќе биде. Веројатно докторот и физиотерапевтите исто така ќе се соочат со казни. Ќе видиме дали и ФК Работнички ќе се соочи со консеквенци. Не можам да кажам.“

Инаку, првата допинг афера во Работнички беше пред неколку години, кога  младиот голман Јорде Георгиевски беше обвинет и казнет за користење на недозволен стимуланс.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски