1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ситуацијата со човековите права и натаму загрижувачка во повеќе земји

Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер денеска го критикуваше недоволното почитување на човековите права ширум светот. И покрај видливиот напредок на одделни полиња и во одделни региони, положбата со човековиоте права во многу земји се' уште е загрижувачка. Фишер исто така предупреди и од растечки антисемитизам и омраза кон странците "за жал и кај нас во Европа". Државата и општеството во целина мораат со заеднички сили да им се спротистават на ваквите мрачни трендови - нагласи шефот на германската дипломатија.

Пред 55 години Генералното Собрание на ОН ја донесе Општата декларација за човековите права. Намерата беше по национал-социјализмот никогаш повеќе каприцот на која и да е влада во светот да не може да го негира достоинството на човекот. Патот од првата јасна декларација за човековите права - "Вирџинија бил од рајтс" од 1776. година - па до Повелбата за на ОН во 1948. беше долг и секако не лесен. Но, никој, па ни национал-социјалистите не успеаја да го вратат назад тркалото на историјата и да и' се спротистават на оваа напредна идеја. Таа се роди во Европа, но нејзината практична примена и вистинскиот победоносен од се врзани за "новиот свет" од другата страна на океанот.

За добрите идеи да бидат исполнети со реален живот ни од далеку не се доволни пригодните говори. А слободата од принуда и страв, слободата на изразување на своето мислење, на вршење верски обреди, како и право на развојна перспектива - секако не се некакви апстрактни цели. Тоа за жал може се' уште да се види преку нивното непочитување и дури кршење од страна на поединци, групи или пак држави, и тоа ширум светот.

Оној кој има моќ врз другите, лесно може да падне во искушение да ја злоупотреби. Ова дотолку повеќе ако недостасуваат јасни механизми што ќе ја спречат злоупотребата или барем ќе ја држат во одредени граници. Затоа повеќе од пет децении ширум светот се градат такви механизми, кои се наоѓаат зад термините како "демократизација, правна држава и човекови права". Веќе самата таа дејност и постоењето на ваквите поими ја нагризуваат подлогата на владеењето на разни автократски или диктаторски системи. Овие права впрочем се иманентен дел на човечката природа, во која спаѓа поривот кон слобода, животна радост и достоинство. Сите обиди, кои во минатото се обидуваа да го уништат овој порив, беа осудени на пропаст. А кодифицирањето на човековите права како универзално важечки, уште повеќе го намалува просторот за вакви општествени деформации.