1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ситуацијата на палестинските подрачја се смирува

Ноќеска склученото примирје меѓу Хамас и Фатах, со мали исклучоци, се почитува. Подршка за Абас од Тони Блер

Тони Блер и Махмуд Абас

Тони Блер и Махмуд Абас

Затегнатоста на палестинските подрачја, по договорот за примирје меѓу ривалските движења Хамас и Фатах, денеска малку попушти. Во текот на ноќта уште имаше поединечни претстрелки и судири пред службената резиденција на претседателот Махмуд Абас, како и пред куќата на политичарот на Фатах Мохамед Даклан. Денеска до пладне немаше масовни демонстрации, меѓусебни обвинувања, ниту присуство на милитантните приврзеници во јавноста.

Примирјето меѓу Хамас и Фатах, со исклучок на кратката престрелка меѓу два помали нивни групи борци во Газа, при што е рането едно 16-годишно момче, се почитува. На улиците можат да се видат значително помал број вооружени лица – и тоа е една од деветте точки на договорот постигнат ноќеска со посредство на Египет и на помали палестински групи.

И тонот меѓу исламистите и Фатах стана поумерен, по меѓусебните навреди од викендот за “предавници”, “лакеи на Западот” и “пучисти”. Денеска претставници на обете страни уверуваа дека ќе се придржуваат кон примирјето и ќе се обидат да ги држат под контрола емоциите на нивните вооружени приврзеници.

Судирите во борбата за превласт беа предизвикани од најавата на претседателот на Палестинците Махмуд Абас дека ќе свика вонредни избори како излез од ситуацијата. Тој ситуацијата и натаму ја оценува како опасна и му понуди на Хамас нови разговори за формирање влада на национално единство, која, меѓутоа, ќе мора да ги исполни барањата на меѓународната заедница за признавање на Израел.

Абас доби подршка од гостинот од Велика Британија, премиерот Тони Блер: “Вие сте за блискоисточно решение со две држави, вие сте умерен политичар и покажувате дека сте подготвен да ја носите одговорноста. Вашиот говор од пред неколку денови беше многу значаен. Мислам дека не наредните месеци, туку недели ќе бидат многу важни”.

Според една најнова анкета, мнозинството од Палестинците е незадоволно од Хамас. Околу 60 проценти од населението на Западниот брег и во појасот на Газаја и’ даваат лоша до многу лоша оцена на работата на исламистите како партија на власт. Споредбено мнозинство го поздравува решението на претседателот Абас за спроведување предвремени избори, во иста мера - 58 насто од испитаниците - го критикуваат стриктното одбивање на Хамас да учествува на тие избори.

Од анкетата спроведена минатата недела произлегува дека е голема довербата на палестинското население во демократските механизми за донесување решенија. Претседателот Абас ужива значително поголема доверба отколку премиерот Исмаил Ханија од движењето Хамас.

Во палестинските весници денеска има жестоки критики на сметка на обете ривалски страни, обвинети дека меѓусебе војуваат за да ги задржат своите функции, и оти се обидуваат да го вовлечат населението, кое живее во катастрофална атмосфера, во уништувачка граѓанска војна што мнозинството стриктно ја одбива.