1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ситуацијата на Блискиот Исток повторно зоврива

Во појасот Газа се случи еден од покрвавите напади во кој загинаа десет лица, а бројот на повредените расте. На палестинските територии се уште владее тензична ситуација по синоќешните немири во кои движењето Фатах ја запали зградата на Парламентот и владата

Нов израелски напад во Газа

Нов израелски напад во Газа

Десет Палестинци, меѓу кои две деца се убиени во денешниот израелски ракетен напад во Газа, а над 30 се повредени. Ова е еден од најсмртоносните напади во последните четири години, проценуваат набљудувачите.

„Израелската армија изведе ракетен напад во појасот Газа гаѓајќи возило наполнето со катјуша ракети наменети за напад на Израел“, изјави портпарол на израелската армија.

Сведоци на настанот велат дека се испалени две ракети. Едната го погодила возилото во кое навистина имало ракети, а од шрапнелите кои се разлетале наоколу настрадале и деца кои играле во непосредна близина. Втората последователна ракета била смртоносна за спасувачките екипи кои веќе биле на теренот. Покрај невините жртви, според палестински извори, тројца од убиените биле припадници на Исламски Џихад. Овој напад дополнително ги разгоре тензиите откако владеечкиот Хамас објави крај на 16 месечното примирје по експлозијата на бомба на плажа во Газа во петокот во која настрадаа седум лица. Иако Израел се извини за овој инцидент. денеска објави дека истрагата покажала оти тие не се виновни, односно дека можно е да се работи за мина поставена од милитантна палестинска група. Нивните наоди се темелат на сателитски снимки, радарски слики и според положбата на телата на загинатите. Израелската армијата додаде и дека од Газа кон Израел во последниве четири дена се испалени над сто ракети.

Во меѓувреме ситуацијата во овој дел од светот дополнително се влоши откако вчера приврзаниците на претеседателот Абас од движењето Фатах и радикалниот Хамас се судрија во Рамалах.

Таму безбедносните сили се се уште во состојба на зголемена готовност откако неколку маскирани лица ја запалија зградата на Парламентот и го зазедоа седиштето на владата.

По најновите внатре палестински нереди, министерот за туризам Џауда Моркос денеска се повлече од функцијата, не објавувајќи ги причините за оставката. Политичките аналитичари велат дека одлуката на Моркос, единствениот христијанин во радикално – исламистичката влада на Хамас е протестен чекор заради растечката внатрешна борба меѓу Фатах и Хамас.

Несогласувањата и борбата за моќ меѓу Фатах блиска до претседателот Абас и Хамас, блиска до премиерот Ханија се интензивираа откако Фатах победи на претседателските избори.

Последна капка во чашата е предлогот на претседателот Абас на 26 јули да се одржи референдум за признавање на Израел, што за Хамас, кој сака да ја уништи израелската држава, е обид за државен удар.