1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ситуацијата во Фукушима 1 надвор од контрола?

Во атомската постројка Фукушима е регистрирана зголемена радиоактивност по четвртата експлозија, а јапонските власти препорачаа евакуација на населението во круг од најмалку 30 километри.

default

Надлежните власти објавија дека радиоактивното зрачење по четвртата експлозија во атомската постројка Фукушима 1 го надминала дозволеното ниво и станала штетна по здравјето. Зголемувањето на радиоактивноста делумно се забележува и во регионот околу и во Токио, што е најголема грижа на експертите. Во јапонскиот главен град живеат околу 13 милиони жители, со предградијата дури и до 35. Толкав број луѓе не може да се евакуира, порачуваат германските експерти, кои нагласуваат дека не е проблем само транспортот, туку и принудното сместување на толкав број луѓе. Освен тоа како можност за бегање останува само јужниот дел на земјата, каде нема доволно инфраструктурни објекти за толку обемна операција на евакуирање.

Вознемиреност кај населението

Во Токио населението е вознемирено и додека едни се снабдуваат со поголеми количества храна за случај да треба подолго да престојуваат во атомски скривници, други сепак заминуваат кон југот на земјата во надеж дека евентуалниот радиоактивен облак нема да стигне до таму.

g.jpg

Во моментов во Јапонија дува северен ветер, што токму ги носи опасните честички кон главниот град и понатаму кон југ. Постројката Фукушима 1 се наоѓа на само 250 километри северно од Токио.

Несигурност владее и во градот Аизу-Вакаматсу, кој се наоѓа на околу 100 киломтери од Фукушима.

„Во никој случај не излегувам пред врата, ако не морам. Се обидувам да останам дома и да не го изложувам телото на допир со воздух“, појаснува една жена.

„Ова е болница, јас сум лекар и затоа морам да останам овде, тоа е моја професионална обврска“, додава еден лекар.

Логистички проблеми

Во повеќе делови од Јапонија се влошува и ситуацијата со снабдувањето. Во одделни региони бензинските пумпи веќе не издаваат гориво, туку преостанатите резерви ги чуваат за спасувачките екипи на теренот. Тоа може уште повеќе да ја усложни ситуацијата за сите оние, кои сакаат да го напуштат загрозениот регион. За сега нема паника, а најголеми редици се забележуваат поред шалтерите на железничките станици.

Пред малку јапонските власти ги објавија и најновите бројки за бројот настрадани во тешкиот земјотрес и цунамито што уследи. Според полицијата 3.373 лица се водат како загинати, преку 6.700 се исчезнати, а околу 2.000 се повредени. Преку 55.000 куќи се разурнати и потешко оштетени, а околу 3.000 поплавени.

Автор: ГЧ/БГ/дпа/дв

Редактор:Симе Недевски

DW.COM